Балтичкиот Регион е простор на постојани воени тензии меѓу Русија и НАТО. Сега, кога и двете страни спроведуваат воени вежби и сценарија за евентуален нивен судир крај Балтичко Море, според експертите, од една страна Русија го држи НАТО буден, а од друга Алијансата сака да ја покаже својата сила
Со вежбање сценарио за превентивен удар од страна на Русија, но и зголемување на военото присуство во источниот бедем крај Балтикот, Северноатлантскиот сојуз ќе се обиде да обезбеди поголема безбедност на балтичките држави, вклучувајќи ја и Полска. Ова меѓу другото во својата анализа за случувањата на истокот од Европа и тензиите меѓу НАТО и Москва го наведува угледниот магазин „Геополитика“, каде што пишува дека веќе е објавен и планот на Алијансата според кој таа би возвратила на евентуалните воени руски провокации околу регионот Калининград, сместен на Балтичко Море. Имено, деталите за овој воен план по кој би се раководел НАТО, како што пишува магазинот, се веќе објавени во текст на Центарот за поморска анализа на САД.
Полска најважна земја во источниот бедем на НАТО
Според американскиот документ, евентуалната руска агресија во Балтикот кон државите-членки на НАТО би се одвратила со воените сили на Полска, кои би морале да ги неутрализираат руските балистички ракети „искандер“ и да се спречи Москва во обидот да почне евентуална „ограничена нуклеарна војна“ во регионот.
– Во операцијата ѝ е доделена значајна улога на полската армија: Полјаците мора да ги неутрализираат руските балистички ракети „искандер“ во евентуалниот прв удар. За да се неутрализираат истите тие, потребно е да се искористи искуството за отстранување на лансерите за ракети Р-17 како за времето на Заливската војна и операцијата „Пустинска бура“ против Ирак. Неутрализирањето на овие системи, како и уништувањето на противвоздушните ракетни системи С-400 на руските сили распоредени во енклавата Калининград, би било првиот чекор со кој НАТО би можел да ја одврати евентуалната агресија од Москва – оценува Ирина Метер, долгогодишна воена аналитичарка.
Иако таа потсетува дека е невозможен и малку веројатен ваков судир меѓу НАТО и Русија, сепак истакнува дека балтичката флота на НАТО е клучен и најважен елемент на Алијансата за задржување на безбедноста и сигурноста на тој дел од континентот.
Кремљ не седи мирно
Во меѓувреме, „Нешенл интерест“ на истава тема пишува дека Русија се подготвува за воена доминација во Балтичкиот Регион. Имено, според американскиот магазин, руската балтичка флота планира да одржи низа воени вежби што ќе бидат увертира во вежбите „Запад 2021“, кои ќе се одржат во големи размери подоцна оваа година. Според медиумот, неодамна прес-службата на балтичката руска флота соопшти дека над три илјади припадници и триста парчиња воена опрема ќе бидат вклучени во вежбите за воена подготвеност на руските сили, од кои дел е стациониран во регионот на Калининград. Како што наведува медиумот, во вежбите на руските сили ќе бидат опфатени воени симулации за брзо распоредување и прераспоредување, како и „процедури за тревога“. Исто така, досега се одржаа пет огнени сесии со мало оружје, како и борбени вежби со вооружување на оклопниот носач „бмп-2“ (АПЦ) и тенкот „т-72б3“ против номинален непријателски оклоп.
Според „Нешенл интерест“, сево ова говори дека вклучувањето на единицата на поморската авијација на руската балтичка флота во борбените вежби, чија содржина сѐ уште не е откриена во јавноста, ќе биде одговор на сегашните вежби на НАТО во тој дел од регионот.