Патеката беше многу тешка поради снегот што паѓаше силно. Но претходно имав многу тренинзи во вакви услови, така што сѐ беше нормално за мене, изјави Зубчиќ, за кого тоа беше втор триумф во кариерата во СК
„Снежна“ победа за Зубчиќ
Хрватот Филип Зубчиќ (27) победи на вториот велеслалом сезонава во Светскиот куп (СК), што се возеше во Санта Катерина, Италија, на патеката наречена „Дебора Компањони“, во чест на поранешната позната италијанска скијачка трикратната олимписка шампионка.
За Зубчиќ тоа беше втор триумф во кариерата во СК (првиот го забележа во Јапонија во февруари годинава, исто така во велеслалом) благодарение на одличното второ возење (во првата трка беше шести) во многу тешки услови, при големи снежни врнежи.
– Минатата сезона беше најдобрата во мојот живот, па се надевав дека ќе продолжам во иста насока. Патеката беше многу тешка поради снегот што паѓаше силно. Но претходно имав многу тренинзи во вакви услови, така што сѐ беше нормално за мене – изјави Зубчиќ.
Словенецот Жан Крањец, кој беше најбрз во првото возење, го освои второто место, со заостаток до 12 стотинки зад Зубчиќ. Трет беше Швајцарецот Марко Одермат, кој имаше заостаток од 30 стотинки зад Зубчиќ.
Поради обилните снежни врнежи на италијанските Алпи, втората велеслаломска трка беше одложена за денеска. Л.Д.
Јохансон со рекорд скокна од 25-то до третото место
Во возбудливото натпреварување во саботата во Нижни Тагил (Русија), Маркус Ајзенбихлер, кој водеше по првата серија скијачки скокови, го зафати ветер во втората и слета по 80 метри и се најде на 28-то место. Тој, исто така, го загуби жолтиот елек за водечкиот во генерален пласман, кој го презеде Халвор Егнер Гранеруд од Норвешка, кој победи на тој натпревар во саботата, пишува Интернационалната скијачка федерација на својата интернет-страница. Втор беше Австриецот Даниел Хубер, а скокот на денот го направи Норвежанецот Роберт Јохансон (30), кој постави нов рекорд на скокалницата со 142,5 метри во втората серија, со кој од 25-то се искачи на третото место.
Норвешка доминира со тимска игра и со прецизност
По две одиграни кола на Европското првенство во Данска, ракометарките на седумкратниот европски првак Норвешка ја најавија својата амбиција, демонстрирајќи максимално доминантна игра против селекциите на Полска (35-22) и на Германија (42-23), а репрезентативките на Србија го направија најголемото изненадување, победувајќи го актуелниот светски првак Холандија.
Со просек од 38,5 гола по натпревар и ефикасност на реализација од 72 проценти, Норвешка го има најдобриот напад во досегашниот тек од првенството. Тимската игра е една од главните одлики на норвешките ракометарки, кои во двата меча меѓусебно си асистирале 45 пати за погодок. Според статистиките, 66 отсто од головите (51 гол), Норвежанките ги постигнале од позициска игра. Одлична и ефикасна игра на Норвешка е отсликана и на листата на стрелци, на која лидер е Нора Мерк, со 18 гола од 22 шута, трет стрелец е Камила Херем, со 12 гола од 12 шута, а Хени Реистад е петти стрелец, со 10 гола од 10 шута.
По две кола во групите Б и Д, максимален ефект има и Русија, која славеше над Шпанија (31-22) и над Чешка (24-22), а без пораз е и Шведска, која забележа победа над Чешка (27-23) и реми со Шпанија (23-23) итн. Пласман во следната рунда обезбедуваат трите најдобропласирани селекции од секоја од групите. Та.Д.