ВАР е видеотехнологија на „идЧес“ што им помага на шаховските судии да донесат правилни одлуки во контроверзни ситуации. Преку видеоснимки и вештачка интелигенција, ВАР покажува кои потези се направени, овозможувајќи му на судијата брзо да ги анализира контроверзните моменти
ВАР и преноси на „идЧес“ дебитираа на турнир за шахистки
На 55-то издание на популарниот меѓународен женски шаховски турнир, кој неодамна се одржа во Белград (Србија), првпат беа користени видеопомошник-судија (ВАР) и пренос на „идЧес“, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ) на својата интернет-страница. Во силна конкуренција, првото место на турнирот го освои Александра Малцевскаја од Полска, со освоени 7,5 поени од девет партии.
ВАР е видеотехнологија на „идЧес“ што им помага на шаховските судии да донесат правилни одлуки во контроверзни ситуации. Преку видеоснимки и вештачка интелигенција, ВАР покажува кои потези се направени, овозможувајќи му на судијата брзо да ги анализира контроверзните моменти, пишува ФИДЕ.
Судијата може внимателно да ја прегледа ситуацијата со помош на ВАР и доколку е потребно да го запре видеото и да премота назад. Преносот на партијата се прекинува сѐ додека не се разјаснат околностите. По партијата, организаторите и судиите имаат снимка од шаховската нотација (исто така емитувана и зачувана на платформата „лајв.идчес“) и видеоснимка од партијата, која е снимена на два начина, што оневозможува какви било грешки, пишува Светската шаховска федерација.
– Среќен сум што го гледам ВАР првпат во Србија. Оваа технологија носи гаранција за фер игра во шахот. Одлуките на судиите ќе бидат објективни оти се засноваат на факти и на записи на играта со ВАР. Покрај ВАР, „идЧес“ ни помага и во емитувањето. Луѓето можат да гледаат партии, и во реално време и снимени – изјави Владимир Шакотиќ, организатор на турнирот, пренесе ФИДЕ. Г.И.