Се множат медалите: Георгиевски со тренерот Костовски

Кон средината на идниот месец нѐ чека Г1-турнирот во Загреб, на кој се надеваме на уште едно финале и да видиме како ќе биде изработена финалната борба. Во секој случај одиме по поставениот план. Летните олимписки игри во 2028 година секако дека се наш следен голем предизвик, вели тренерот Борче Костовски

ТАЕКВОНДО

На силниот меѓународен таеквондо-турнир од серијата Г1 „Букурешт опен“ (Романија), викендов, најдобриот македонски таеквондист и носител на сребро од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2021 година, Дејан Георгиевски, во тежинската категорија над 87 килограми постигна нов голем успех, освојувајќи ги второто место и сребрениот медал. Со овие два турнирски настапи, првиот во Тирана (Албанија), при крајот на септември, и сега во Букурешт, Георгиевски успешно ја отвори новата олимписка сезона на Г1-турнири.
Георгиевски, кој е член на ТК Бутел, до сребрениот медал во Букурешт стигна откако забележа две победи, над Американецот Вудорадо Дарел и на дуелот со Кипранецот Андреу Петрос, а во финалето загуби од квалитетниот француски репрезентативец Ел Омар, кого Георгиевски претходно четири пати го победи.
– Два турнира, две финалиња во низа, кои, сепак, не ги завршивме со победа. Тоа, секако, е знак дека треба да работиме уште повеќе, а тоа што веќе имаме континуитет на втори места, пак, значи дека сме на добар пат. Кон средината на идниот месец нѐ чека Г1-турнирот во Загреб, Хрватска, на кој се надеваме на уште едно финале и да видиме како ќе биде изработена финалната борба. Во секој случај, одиме по поставениот план. Летните олимписки игри во Лос Анџелес во 2028 година секако дека се наш следен голем предизвик. Чекориме по највисоките светски олимписки стандарди, а тоа е критериумот што го поставивме и живееме за да го негуваме – вели селекторот на македонската таеквондо-репрезентација и тренер на Георгиевски, Борче Костовски. Г.И.