ДЕНЕСКА ВО БУДИМПЕШТА ПОЧНУВА 45. ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА
Очекувам сите да бидеме максимално фокусирани и да дадеме сѐ од себе за претставување на нашата држава во најпозитивно светло. Верувам дека нашата решителност и подготовка ќе придонесат за најдобар можен пласман на најелитното шаховско натпреварување, вели ИМ Никола Николовски
Со партиите од првото коло денеска од 15 часот ќе почне 45. Шаховска олимпијада (ШО) во Будимпешта (Унгарија), во вкупно 11 кола, со еден слободен ден, по шестото коло. Македонските шахисти (просечна возраст 24,2 години) пред почетокот се рангирани на 61-то место, со просечен рејтинг 2.421 поен, меѓу 194 репрезентации, а шахистките (просечна возраст 26,8 години) на 57-то (2.025) меѓу 181 селекција.
Настапуваат вкупно 978 шахисти, од тоа 245 велемајстори (ВМ), како и 715 шахистки (17 ВМ). Македонија на ШО нема екипен медал, но има три поединечни. Трајко Недев во 1996 година во Ереван освои бронза играјќи како прва резерва, Драгољуб Јаќимовиќ се закити со злато на ШО 2000 во Истанбул на третата табла и Владимир Георгиев освои сребро на ШО 2004 во Калвија. Блиску до медал беше и Александра Јаневска-Кизова, која на ШО 1998 во Елиста беше четврта како резервна табла.
– Очекувам сите да бидеме максимално фокусирани и да дадеме сѐ од себе за претставување на нашата држава во најпозитивно светло. Верувам дека нашата решителност и подготовка ќе придонесат за најдобар можен пласман на најелитното шаховско натпреварување. Најважно е сите да дадеме сѐ од себе и да бидеме горди со своите напори за што подобар резултат, а според мене успех би било да се пласираме подобро од почетниот ранг – вели ИМ Никола Николовски.
Екипно кај шахистите прворангирани се САД (2.757), Индија (2.753) и Кина (2.724), а кај шахистките Индија (2.467), Грузија (2.462) и Полска (2.422). Узбекистан пред две години првпат стана олимписки шампион во машка конкуренција, втора беше Ерменија, а трета втората селекција на Индија. Во женска конкуренција, вторпат титулата ѝ припадна на Украина, втора беше Грузија, а трета Индија. На ШО досега најмногу успеси кај мажите имал поранешниот СССР (18 први места), пред Русија (осум), САД (шест), Унгарија, Ерменија (по три) итн. Кај жените доминирал СССР (11), пред Кина (шест), Грузија (четири), Русија (три), Унгарија, Украина (по две) итн. Г.И.
Играат шест светски шампиони и шампионки
На Шаховската олимпијада во Будимпешта ќе настапат тројца светски прваци, и тоа актуелниот, Кинезот Динг Лирен (2.736, рангиран седми), петкратниот Магнус Карлсен од Норвешка (прворангиран) и Украинецот Руслан Пономарјов (2.654, рангиран на 49-то место). Ќе игра и претендентот за титулата, Индиецот Домарају Гукеш (2.764, рангиран на 4-то место). Кај шахистките на ШО 2024 светски првенки се Александра Костењук од Швајцарија (2.483, рангирана на 7-то место), Украинката Ана Ушенина (2.417, рангирана на 23-то место) и Бугарката Антоанета Стефанова (2.416, рангирана на 24-то место). Г.И.