Годинава француските машки репрезентации во одбојка освоија сѐ што можеше да се освои, откако и селекцијата до 20 години стана европски првак, во неделата, на континенталното првенство чие финале, Франција – Бугарија 3-1, се играше во Врњачка Бања (Србија). Претходно годинава сениорската селекција стана олимписки шампион вторпат по ред, а младинските репрезентации освоија вкупно три титули на европските шампионати годинава, и тоа, покрај таа до 20 години, уште и генерациите до 18 и до 22 години, пишува Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ).
Сениорите на Франција годинава победија и во Лигата на нациите, а во 2024 година од младинските континентални првенства европски шампионат не се одржа само за одбојкари до 17 години. Н.М.