Во рамките на Фестивалот на водни спортови ќе бидат организирани голем број натпревари во едрење, веслање, пливање, ватерполо, акватлон, кајак, трки со кајчиња…
ФЕСТИВАЛ НА ВОДНИ СПОРТОВИ ВО ОХРИД
Охрид од утре до 31 август и официјално по вторпат ќе биде домаќин на Фестивалот на водни спортови, чиј покровител е Општина Охрид. Сепак, фестивалот практично веќе започна со меѓународниот едриличарски тренинг-камп, кој на крајот ќе биде заокружен и со меѓународната едриличарска регата, која традиционално во организација на Акватика Јахтинг треба да се одржи в четврток и в петок и на која се очекува да настапат над 50 едриличари од Србија, Турција, САД, Албанија, Бугарија и од домаќинот Македонија.
На тренинг-кампот, покрај македонските едриличарски клубови Акватика Јахтинг од Охрид и ЕК Снегар од Струга, учествуваат и едриличари од Србија, Турција и од САД, кои ќе имаат и заедничка тренинг-програма, практична и теоретска, а сѐ во правец на дополнителен развој и омасовување на едрењето во Македонија.
Во рамките на Фестивалот на водни спортови ќе бидат организирани голем број натпревари во едрење, веслање, пливање, ватерполо, акватлон, кајак, традиционални трки со кајчиња…, а како врв на сето ова на 31 август ќе се одржи и традиционалниот Охридски пливачки маратон, кој секако и годинава се очекува да предизвика голем интерес, како кај натпреварувачите така и кај охриѓани, но и присутните домашни и странски туристи. Г.И.