По два одиграни турнира од предвидените три, најмногу поени има Рапорт, а во трка за пласман на турнирот од кој победникот ќе го предизвика светскиот првак Карлсен се и Накамура, Андрејкин, Аронијан, Гири, Домингез, Вашер-Леграв. Следува третиот турнир, во Берлин, од 21 март

ШАХ – ГРАНПРИ-СЕРИЈА НА ФИДЕ

Дмитриј Андрејкин и Ричард Рапорт играа во финалето на вториот турнир од гранпри-серијата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), за пласман на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак, во Белград, со учество на 16 велемајстори. Првата класична партија заврши со реми, втората се играше вчера, а евентуалниот тајбрејк со забрзано темпо на игра е предвиден за денеска.
Во полуфиналето на турнирот во Белград, Андрејкин го елиминира Аниш Гири во дополнителниот тајбрејк, а Рапорт беше поуспешен од Максим Вашер Леграв со 1,5-0,5 поени.
Во оваа серија се играат три турнира, а сите 24 пријавени шахисти можат да настапат само на два. Најдобрите двајца по трите турнира ќе се пласираат на Турнирот на кандидатите.
Моментно шанси за пласман на првите две места во гранпри-серијата на ФИДЕ имаат Рапорт (најмалку 17 бода со одиграни два турнира), го следат Хикару Накамура (13 бода) и Андрејкин (10 од еден турнир), Левон Аронијан (10), Аниш Гири (седум), Лениер Домингез (седум), Максим Вашер-Легрев (седум), сите со по еден одигран турнир, па шансата ќе ја бараат на третиот турнир, во Берлин.
Третиот и последен турнир од оваа серија, како и првиот, ќе се игра во Берлин (од 21 март до 14 април). Победникот на Турнирот на кандидатите (ќе настапат осум шахисти) ќе го предизвика светскиот првак Магнус Карлсен во 2023 година.
Досега пласман на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак обезбедија Јан Непомнијашчи, Тимур Раџабов, Јан Кшиштоф-Дуда, Сергеј Карјакин, Алиреза Фирузја и Фабијано Каруана.