Македонските шахистки на ЕП 2023

Машката репрезентација на Македонија, пак, го претрпе и вториот пораз, со 1-3, од посилната Грузија

ШАХ – ЕКИПНО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО, ВТОРО КОЛО

Македонската женска репрезентација (1.919 просечен рејтинг, рангирана на 32-то место пред почетокот на турнирот) забележа значајна победа со 2,5-1,5 над осум места повисокорангираната Шведска (2.182), во второто коло на Европското првенство (ЕП) во шах во Будва (Црна Гора). Дебитантска победа на европските првенства оствари младата Моника Жежовска (15), на четвртата табла. Таа лани дебитира на Шаховската олимпијада во Индија. Во третото коло Македонките, кои по две кола се на делба на 12-то до 22-то место на табелата, со два екипни бода (три по табли), вчера играа со Црна Гора (2.021, рангирана на 31-то место).
– Во мечот со Шведска имавме добри позиции од самиот почеток. Младата Моника Жежовска со црни фигури го отвори резултатот за нејзина прва победа во дебитантскиот настап на ЕП. Убава победа оствари и Сања Трајковска. Резултатот реално требаше да биде 3-1 – вели селекторот на репрезентацијата, ФМ Љубиша Андоновски.
Машката репрезентација на Македонија (2.401 просечен рејтинг, рангирана на 32-то место), го претрпе и вториот пораз (1-3) од посилната Грузија (2.538, рангирана на 23-то место). Единствената победа ја оствари ИМ Тони Лазов, кој игра добро и засега од две партии има 1,5 поен. Во третото коло Македонија, која моментно е на 32-то место (со 1,5 поени по табли), за ривал вчера ја имаше селекцијата на Фарските Острови (2.303, рангирана на 36-то место). На ЕП за мажи играат 38, а на шампионатот за жени 32 репрезентации. Г.И.


ЕП 2023, ВТОРО КОЛО

Грузија – Македонија 3-1
ВМ Лука Паичадѕе (2.501) – ИМ Никола Николовски (2.405) 1-0
ВМ Баур Јобава (2.568) – ФМ Емил Ристески (2.379) 1-0
ВМ Николози Качарава (2.519) – ИМ Филип Панчевски (2.441) 1-0
ВМ Гига Купарадѕе (2.490) – ИМ Тони Лазов (2.377) 0-1

Македонија – Шведска 2,5-1,5
ЖФМ Моника Стојковска (2.047) – ВМ Пиа Крамлинг (2.440) 0-1
Ивана Манова (1.941) – ЖИМ Елинор Фриск (2.161) реми
Сања Трајковска (1.844) – ЖИМ Лавиниа Валку (2.041) 1-0
Моника Жежовска (1.722) – Јулија Остенсон (1.900) 1-0