На ЕП ќе настапат 15 селекции со вкупно 71 шахист. Ќе се играат девет кола, а титулата ја брани Полска
ШАХ – ЕКИПНО ЕП ЗА СЛЕПИ И СЛАБОВИДНИ ЛИЦА
Италијанскиот град Џенова, од 20 до 29 месецов, ќе биде домаќин на машкото екипно Европско првенство (ЕП) во шах за слепи и за слабовидни лица, на кое ќе настапи и репрезентацијата на Македонија, предводена од селекторот и велемајстор (ВМ) Трајко Недев. На ЕП ќе учествуваат 15 селекции со вкупно 71 шахист, од кои еден ВМ, три ИМ, еден ЖИМ, пет ФМ. Ќе се играат девет кола (на по четири табли, со временско темпо од 90 минути, плус 30 секунди за секој одигран потег, почнувајќи од првиот), со еден слободен ден, по петтото коло.
Покрај Македонија, пријавени се уште Србија, Хрватска, Шпанија, Полска, Унгарија, Израел, Италија, Романија, Словенија, Украина, Франција, Германија, Бугарија и Косово. Прворангирана на ЕП е Полска (2.199 просечен рејтинг), пред Србија (2.161) и Украина (2131), а Македонија е деветта (1.841). Прворангиран играч, пак, е полскиот ВМ Марчин Тазбир (2.503).
На претходното ЕП, кое се одржа во Камчулата (Романија) во 2019 година, Македонија го освои седмото место со девет екипни бода (три победи, три ремија и три порази) или 17 по табли, што беше за две места подобар пласман од почетниот. Златото го освои Полска, Русија беше втора, а Украина трета од вкупно 15 селекции.
– Добро сме подготвени и се надевам на успешен настап во Џенова. Ќе се потрудиме да го оправдаме постојниот рејтинг, а секое место над почетното, за нас ќе претставува успех. Малку сме ослабени во однос на претходното ЕП, но сигурно ќе се бориме и ќе дадеме сѐ од себе да постигнеме што подобар пласман. Фаворит за златото е Полска, но може да изненади и Србија, која има млад и перспективен состав – ни изјави челната табла на репрезентацијата, Жарко Селковски.
Репрезентацијата на Македонија за што подобро да се подготви пред ЕП одржа и два тренинг-кампа. Првиот во јануари во Негорски Бањи, а вториот пред десетина дена во Куманово, каде што тренираа заедно со селекторот Недев и ВМ Влатко Богдановски.
– Здружението „Шаховски клуб на ветерани Скопје 72“ се стави во служба на репрезентативците и одигра два контролни меча со Македонија, со цел што подобро да се подготват. Исто така на неодамнешниот Велигденски турнир во Скопје, за ветерани (60 години и повозрасни), во забрзан шах, настапија и четворица репрезентативци што ќе играат во Џенова – ни изјави претседателот на здружението „Шаховски клуб на ветерани Скопје 72“, Илија Стошевски. Г.И.
МАКЕДОНИЈА, СОСТАВ
ШАХИСТ РЕЈТИНГ
Жарко Селковски 1.920
Зоран Костадиновски 1.907
Санде Атанасов 1.778
Блаже Атанасовски 1.760
Филип Арсов 1.624
Селектор: ВМ Трајко Недев