Кипчоге верува дека може да истрча маратон побрзо од два часа

АТЛЕТИКА

Уште можам да го подобрам мојот личен максимум во блиска иднина. Ќе се обидам повторно, изјави Кипчоге, кој неодамна во Берлин постави нов светски рекорд, со време 2:01:09 часа

Маратонецот Елиуд Кипчоге од Кенија верува дека може да трча уште побрзо, дури и побрзо од два часа, откако неодамна постави нов светски рекорд во Берлин, од 2:01:09 часа, подобро за 30 секунди од претходниот светски рекорд.
– Верувам дека уште имам време да му покажам на светот како да ги поместува границите. Уште можам да го подобрам мојот личен максимум во блиска иднина. Ќе се обидам повторно – изјави Кипчоге за „Би-би-си“.

Пред четири години, Кипчоге симна 78 секунди од рекордот на сонародникот Денис Кимето од 2014 година, со време 2:02:57 часа. Тој потоа, во 2019 година, стана првиот човек што истрчал маратон за помалку од два часа, но времето на трката во Виена не беше признаено за официјален светски рекорд, бидејќи не беше на отворено натпреварување и тој користеше тим од ротирачки пејсмејкери, меѓу другите работи, пишува „Би-би-си“.

Во Берлин, кон крајот на септември годинава, Кипчоге ја истрча првата половина од трката за 59,41 минути, што ги поттикна размислувањата дека тој може да стане првиот тркач што ќе трча под границата од два часа.
– Мојот план беше да не трчам помалку од два часа, мојот план беше да соборам светски рекорд. Сфаќам дека сме доволно брзи за да трчаме под еден час на полумаратон, што беше навистина мотивирачко за мене. И тоа е добар знак дека иднината е јасна. Им покажувам на луѓето дека можат да трчаат најбрзо што е можно на полумаратон – вели Кипчоге, кој ќе наполни 38 години следниот месец и најавува дека ќе оди на трета олимписка титула, на Летните олимписки игри во Париз во 2024 година. Л.Д.