Сакам да имам многу долга кариера и да останам на самиот врв. Сакам да го достигнам нивото на големина што го постигна Магнус Карлсен – рече Гукеш, пренесе „Чес“
ШАХ – ИНДИЕЦОТ ДОМАРАЈУ ГУКЕШ СТАНА НАЈМЛАДИОТ СВЕТСКИ ПРВАК
Индискиот шаховски вундеркинд, 18-годишниот велемајстор (ВМ) Домарају Гукеш (2.783 рејтинг-поени), е новиот светски шампион, 18-ти во низата прваци. Индија го доби вториот светски првак во шах по Вишванатан Ананд и најмладиот универзално признаен шампион во историјата на шахот. Гукеш по 14 партии во Сингапур го победи досегашниот првак, ВМ од Кина, Динг Лирен (2.728) со 7,5-6,5.
– Од својата седма година го посакувам овој момент. Го живеам мојот сон – изјави Гукеш, пренесе Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Гукеш, кој го зеде и поголемиот дел од вкупниот награден фонд, кој изнесуваше 2,5 милиони долари, ги доби третата, 11-та и 14-та партија, Лирен првата и 12-та партија, а девет партии завршија без победник.
– Лирен е вистинската инспирација за мене. Она што го научив од него е каков неверојатен борец е тој. Вистинските шампиони се борат до самиот крај – изјави Гукеш, пренесе „Чес“.
Гукеш е роден на 29 мај 2006 година во Ченаи, родно место на неколку врвни шахисти во Индија, вклучувајќи го и поранешниот светски првак Вишванатан Ананд. Шах научил на седум години, постигнувајќи извонредни успеси уште на 10 години. ФИДЕ-мајстор (ФМ) станал во 2015 година, откако победил до девет години на Училишното првенство на Азија, на 11 години бил меѓународен мајстор, а титулата велемајстор ја стекнал на турнир во Делхи на 15 јануари 2019, на 12 години, седум месеци и 17 дена, станувајќи вториот најмлад шахист во историјата во тоа време, по Сергеј Карјакин. Победил на СП до 12 години, освоил пет злата на првенствата на Азија за млади во различни формати (класичен, забрзан, брз и тимски шах). Тој го привлекол вниманието во 2022 година, кога освоил поединечно злато на Шаховската олимпијада (ШО), а Индија (2) освои бронза. Истата година Гукеш ја надмина границата од 2.700 поени, станувајќи трет најмлад шахист што го направил тоа (по Веи Ји и Алиреза Фирузја). Во август лани со рејтинг од 2.750 поени стана најмладиот шахист што некогаш го сторил тоа, а во септември стана осми во светот. Во април годинава, во Торонто, повторно го изненади шаховскиот свет во првото појавување на Турнирот на кандидатите, каде што победи со импресивни девет поени од 14 партии, станувајќи најмлад предизвикувач за титулата светски шампион (17 години, 10 месеци, 24 дена). На ШО годинава, на првата табла освои девет поени од 10 партии, а Индија стигна до првото екипно злато.
– Сакам да имам многу долга кариера и да останам на самиот врв. Сакам да го достигнам нивото на големина што го постигна Магнус Карлсен – рече Гукеш, пренесе „Чес“. Г.И.