Фото: Маја Јаневска Илиева

Таа настапува и на турнирот во двојки, заедно со Болквадѕе, а синоќа играа за пласман во полуфиналето

ТЕНИС – ТУРНИР ВО МАРИБОР

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа, моментално рангирана на 294-то место во светот на листата на Женската тениска асоцијација (ВТА), се пласира во четврт-финалето на турнирот во Марибор (Словенија), кој се игра за вкупен награден фонд од 60.000 долари, на тврда подлога.
Во второто коло таа ја совлада хрватската претставничка Петра Марчинко, моментално 239-та во светот, со 2-0 во сетови (6-4, 6-4), а во вчерашното осминафинале победи со 2-1 во сетови (6-4, 2-6 и со 7-6, а во тајбрејкот во третиот сет со 11-9) на дуелот со Французинката Џесика Понше, која беше четврта носителка на овој турнир.
Во четврт-финалето Ѓорческа денеска ќе игра со Грузијката Мариам Болквадѕе, со која истовремено на овој турнир настапува во двојки. А, во двојки Ѓорческа и Болквадѕе во првото коло убедливо со 2-0 во сетови (6-1 и 6-1) за само 48 минути игра ја совладаа словенечката двојка Бети Бутина-Јазбец и Зоја Петернел, со што се пласираа во второто коло, кое се играше вчера попладне, во кое за ривалки за пласман во полуфиналето ги имаа Французинката Јулија Белгравер и Урсула Радванска од Полска. Г.И.