Уште од младоста се грижел за своето тело исто колку и за умот. Одбојката била првата спортска активност со која сериозно се зафатил, сакал хокеј и скијање, кратко време и бокс, а тој веќе бил средовечен маж кога го сфатил пливањето како начин да остане во форма. Авербах почнал да игра шах на седум години, како само уште едно хоби, но откако навлегол во шаховската игра на 13-годишна возраст, во 50-тите години на минатиот век, веројатно, бил еден од првите десет во светот, во 1952 година се стекнал со титулата велемајстор, напишал повеќе книги за шаховските завршници, компонирал и над 100 шаховски студии, напишал систематска студија за шаховски завршници во пет тома, бил главен уредник на шаховски весници, водел и шаховска емисија на ТВ, претседавал со Шаховската федерација на СССР, бил делегат на ФИДЕ, меѓународен шаховски судија… Се чини дека никој никогаш не посветил толку многу време и работа во толку многу области во шахот

ЈУРИЈ АВЕРБАХ, ШАХИСТ И ПРОБЛЕМИСТ, СО 70 ГОДИНИ ВЕЛЕМАЈСТОРСКИ СТАЖ

Русинот Јуриј Лвович Авербах е легендарна шаховска фигура, најстариот велемајстор (ВМ) во светот, кој почина лани на 100-годишна возраст, а најголемата шаховска титула велемајстор стоеше покрај неговото име дури 70 години (стекната во 1952 година). Висок и атлетски граден, Авербах уште од младоста се грижел за своето тело исто колку и за умот. Одбојката била првата спортска активност со која сериозно се зафатил, искористувајќи ја својата висина. Тој, исто така, сакал хокеј и скијање, а не е толку познат податокот дека кратко време бил редовен натпреварувач и на боксерскиот ринг, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ) на својата интернет-страница.
– Во нашата околина имаше клуб што беше претворен во дом за работници, каде што владееше култот на силата. Затоа, ако сакаш да бидеш рамноправен во дворот, требаше да бидеш исто толку физички добар. Затоа и се занимавав со бокс една година – изјавил во една пригода Авербах во интервјуто со Владимир Барски и со Етери Кублашвили, а по повод неговиот 90-ти роденден, пренесува познатиот германски шаховски сајт „Чесбејс“
Тој веќе бил средовечен маж кога го сфатил пливањето како начин да остане во форма. Пливал речиси секојдневно во своите седумдесетти години, а продолжил да го прави тоа додека лекарите загрижени за неговиот пејсмејкер не му рекле да престане, кога веќе имал осумдесет.
– Пливав во базен од 1964 до 1996 година. Здравиот начин на живот со многу физички вежби е многу значаен за здравјето – често говорел Авербах.

ПОЧНАЛ ДА ИГРА ШАХ НА СЕДУМ ГОДИНИ ОД ХОБИ

Иако сето ова ја објаснува неговата долговечност, многу е веројатно дека и одржувањето на менталните активности одиграле огромна улога. Тој е еден од оние луѓе што во основа никогаш не се пензионираат, туку продолжуваат да работат онолку колку што им дозволува здравјето. Дури во 2016 година, тој уште го посетувал Централниот шаховски клуб на булеварот Гоголевски секоја среда за да се сретне со младите таленти и да им даде свои совети, пишува ФИДЕ.
Авербах многу сакал да работи со млади шахисти, но ги имал на ум и постарите.
– Баравме да ги привлечеме постарите луѓе во шахот. Тие не треба да играат на тешки турнири, туку да го трошат своето време во решавање шаховски проблеми. Решавањето шаховски студии помага да се спречи Алцхајмеровата болест. Ако имате над седумдесет години, стресот од турнирот може да биде опасен за вашето здравје. Но смирениот став кон шахот е многу корисен, особено кога сте многу стар – изјавил тој во интервјуто со Дагоберт Колмајер.
Авербах почнал да игра шах на седум години, но тоа било само уште едно хоби за него во првите години и не го сфаќал сериозно, а одбојката уште му била главен интерес. Потоа, во февруари 1935 година, имал можност да се запознае со познатиот шаховски проблемски композитор Николај Григориев, во време кога Москва била домаќин на вториот меѓународен шаховски турнир, на кој играле славните Хозе Раул Капабланка, Емануел Ласкер, Михаил Ботвиник и многу други силни шаховски имиња.
– Григориев одржа предавање во клубот, покажувајќи ни некои од неговите познати пешачки шаховски студии. Тие ми оставија огромен впечаток и првпат почувствував дека шахот не е само игра, туку е нешто повеќе, дека е уметност. А имав и желба да го совладам тоа поле, па така, се вклучив во шахот – изјавил Авербах за неговите почетоци.
Тој конечно навлезе во шаховската игра на 13-годишна возраст, а неговиот прв голем успех дошол три години подоцна, кога го освоил шампионатот за ученици на тогашниот Советски Сојуз. Сепак, неговата почетна кариера ќе запре, заедно со повеќето шаховски организирани активности поради Втората светска војна. Тој бил евакуиран со целото училиште од Москва во Ижевск, а во Москва се вратил во 1943 година.

ПРВОТО МЕСТО ВО МОСКВА – ПРВ ГОЛЕМ УСПЕХ

Неговата нагорна линија почнала откако го освоил Првенството на Москва во 1949 година, на кое играле многу силни шахисти, како Андор Лилиентал и Владимир Симагин. Ова бил негов прв голем успех и почеток на една деценија во која, веројатно, бил еден од првите десет во светот, кога го достигнал својот врв. Следната година повторно го освоил Шампионатот на Москва, а во 1952 година се стекнал со титулата велемајстор (ВМ), која ќе стои покрај неговото име 70 години, а додека бил жив, бил и најстариот велемајстор на светот.
Авербах бил петти на Интерзонскиот турнир во Стокхолм во 1952 година, квалификувајќи се, сега веќе за легендарниот Турнир на кандидатите во Цирих 1953, каде што го освоил 10-то место. Во следната година тој станал шампион на СССР, а во 1956 година бил многу блиску до повторување на овој подвиг, делејќи прво-трето место со Марк Тајманов и Борис Спаски, но сепак завршил како втор по дополнителниот тајбрејк.
Во својата збирка одбрани партии, објавена од Кадоган, Авербах вели дека шахот го научил „на погрешен начин“, станувајќи стратег пред правилно да научи за тактиките и комбинациите. Авербах ги намалил своите натпреварувачки активности кога стигнал до 40-тите години, оставајќи зад себе голем број победи на меѓународни турнири низ целиот свет, како на пример во Џакарта, Рио де Жанеиро, Аделаида, Виена… Неговиот последен меѓународен успех бил турнирот во спомен на шахистот Акиба Рубинштајн, одржан во Поланица-Здрој во 1975 година. Потоа тој го префрлил својот интерес од играње шах во негово проучување. И во тоа бил успешен, па дури и повеќе отколку како играч.
– Мојот истражувачки карактер ме принуди да направам сериозно проучување на крајот од партијата, таа фаза од играта каде што поединечните фигури се борат една против друга. Првично, објавив неколку написи, а потоа размислував за книга посветена на различни типови шаховски завршници – изјави во една пригода Авербах.
Неговиот потфат се претворил во монументално дело, напишал прва систематска студија во историјата за шаховски завршници објавена во пет тома.
– Толку многу генерации пораснаа со Авербах што престанавме да ја чувствуваме важноста на она што тој го направил за шахот. Петте книги на Авербах се проучувани со децении од шахисти од сите нивоа. А прекрасната книга „Патување до шаховското кралство“, која е коавторска со Мајкл Бејлин, е прочитана од стотици илјади деца, вклучувајќи и многу идни најсилни шахисти во светот – вели Емил Сутовски, генерален директор на Светската шаховска федерација (ФИДЕ).

СОСТАВИЛ ПОВЕЌЕ ОД 100 ШАХОВСКИ СТУДИИ

Освен што пишувал шаховски теоретски написи и книги, Авербах составил и повеќе од 100 квалитетни шаховски студии (вид шаховски проблеми, кои се сметаат како најтешки за решавање, но и за составување, со неограничен број потези, односно решенија до јасно добиена или реми-позиција – н.з.), со тематика на завршници, а посветил многу време и на промовирање на шахот како игра. Бил главен уредник на весникот „Шаховска Москва“, списанијата „Шахот во СССР“ и „Шаховски билтен“. Тој водел и шаховска емисија на телевизија, во време кога шахот уживал огромна популарност во СССР, а илјадници луѓе во неговата држава научија да играат, благодарение на него.
Во периодот помеѓу 1972 и 1977 година, Авербах претседавал со Шаховската федерација на СССР и многу години бил делегат на ФИДЕ. Високопочитуван од целата шаховска заедница, тој бил и меѓународен шаховски судија на врвни турнири, а бил и еден од тројцата арбитри на мечот за светски првак помеѓу Анатолиј Карпов и Гари Каспаров (1984-1985). Се чини дека никој никогаш не посветил толку многу време и работа во толку многу области на полето на шахот како Авербах. Г.И.