Водечките по седум кола, Вашиер-Лаграв и Непомнијашчи

Победникот на турнирот ќе биде познат до 28 април, а мечот за светски првак треба да се одржи од 24 ноември до 16 декември годинава во Дубаи

ШАХ – ДЕНЕСКА ПРОДОЛЖУВА ТУРНИРОТ НА КАНДИДАТИТЕ

Турнирот на осумтемина кандидати за предизвикувач на актуелниот светски шаховски првак Магнус Карлсен, ќе продолжи денеска таму каде што и беше прекинат, во рускиот град Екатеринбург. Турнирот, кој почна лани на 16 март, беше прекинат 11 дена подоцна поради брзиот развој на пандемијата. Бидејќи веќе беа одиграни половина од предвидените кола (14 кола), прописите предвидуваат дека резултатите добиени дотогаш се важечки и не треба турнирот да почне од нула. При прекинот, Французинот Максим Вашиер-Лаграв и Русинот Јан Непомнијашчи беа во водство со 4,5 поени од можните седум.
Следуваат Фабијано Каруана (САД), Аниш Гири (Холандија), Ванг Хао (Кина) и Александар Гришчук (Русија) со по 3,5 поени, а Динг Лирен (Кина) и Кирил Алексенко (Русија) имаат по 2,5 поени. Предизвикувачот на Норвежанецот Карлсен ќе биде познат до 28 април, за кога е предвиден т.н. тајбрејк, но само доколку има потреба да се игра.
Карлсен во живо на сајтот „чес24“ ќе ги коментира партиите од осмото до 10-то коло, а во последните четири кола Унгарката Јудит Полгар. Во Екатеринбург од играчите се бара да имаат негативен тест не повеќе од 72 часа пред почетокот на турнирот и нема да има повеќе тестови, освен ако некој не покаже симптоми. Доколку некој играч биде принуден да се повлече по позитивен тест, организаторите ќе се обидат да го завршат турнирот без него.
Мечот за светски првак, во 14 партии, треба да се одржи од 24 ноември до 16 декември годинава во Дубаи, за награден фонд од два милиона евра.
Двојки за 8. коло Каруана – Вашер Леграф, Ванг – Лирен, Непомнијашчи – Гири, Алексенко – Гришчук.


Турнирот на кандидатите се игра од 1950 година

Турнирот на кандидатите во ваков формат (секој со секого по две партии), е воспоставен во 1950 година како најдобар начин да се утврди кој треба да биде предизвикувач на шампионот. На првиот турнир во Будимпешта настапиле 10 шахисти, а победил Русинот Давид Бронштајн, кој имал ист број поени со сонародникот Исак Болеславски, но бил подобар во дополнителниот меч.
Магнус Карлсен победи во 2013 година, а оттогаш вакви турнири се одиграа уште во 2014, 2016 и во 2018 година. Оттогаш од годинашните финалисти најмногу настапи, по три, имаат Фабијано Каруана и Александар Гришчук, а најмногу од 2013 година има Ерменецот Левон Аронијан, четири. Од финалистите на актуелниот турнир досега за титулата играл само Каруана. Г.И.


Четврти пат во одбрана на титулата

Норвежанецот Магнус Карлсен од 24 ноември до 16 декември годинава во Дубаи четврти пат ќе ја брани титулата светски првак, која ја освои во Ченаи (Индија) против Вишванатан Ананд (победи со 6,5-3,5). Карлсен првпат ја одбрани титулата во Сочи (Русија) во 2014 година, исто така, против Ананд (6,5-4,5), вторпат во Њујорк (САД) во 2016 против Сергеј Карјакин (6-6, па победа со 3-1 во партиите со забрзано темпо) и четврти пат во Лондон (Велика Британија) во 2018 година на мечот со Фабијано Каруана (6-6, па 3-0). Карлсен е шахист со највисок шаховски рејтинг во историјата на шахот (2.882 поени), поставен во мај 2014 година, а повторен во август 2019 година. Г.И.