Фото: Маја Јаневска-Илиева

Првиот натпревар на Македонија со Полска во баражот за пласман на СП 2025 е на гости, задутре (од 20.30 часот), а реваншот е в сабота во Битола

РАКОМЕТ

Сениорската репрезентација на Македонија ги почна мини-подготовките за претстојните квалификациски натпревари со репрезентацијата на Полска, в среда на гости и в сабота во Битола, за пласман на годинашното Светско првенство за ракометарки. Македонија ќе игра за шестиот пласман на мундијалите (претходно играше во 1997, 1999, 2001, 2005 и во 2007 година, најдобар пласман, седмо место во 1997 година), а вкупно за 13-то големо натпреварување, вклучувајќи ги и европските првенства (1998, 2000, 2006, 2008, 2022 и 2024 година, најдобар пласман седмо место во 2008 година).
Селекторот Кристијан Грчевски го објави составот (пет ракометарки од домашните клубови, 15 од странство) за двомечот со Полска, која на Европското првенство лани го освои деветтото место. Првиот натпревар на Македонија со Полска во баражот за пласман на СП 2025 е задутре (од 20.30 часот).
Состав: Јована Мицевска, Матеа Чурлиновска, Драгана Петковска, Јована Саздовска, Сара Ристовска, Ивана Гакидова, Ивана Џатевска, Пена Граматова, Ивана Арсениевска, Симона Маџовска, Моника Јанеска Килдан, Катерина Дамјаноска, Ива Младеновска, Ана Марија Коларовска, Јована Кипријановска, Андреа Седлоска, Емилијана Ризоска, Ангела Јанкуловска, Марија Јанкуловска и Леонида Гичевска.
Од Европа досега пласман на СП 2025 обезбедија домаќините Германија и Холандија, актуелниот планетарен првак Франција, како и полуфиналистите на Европското првенство лани, Унгарија, Норвешка и Данска. Н.М.


БАРАЖ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2025

Полска – Македонија среда
Швајцарија – Словачка среда
Италија – Романија среда
Словенија – Србија среда
Португалија – Црна Гора среда
Исланд – Израел среда
Фарски Остр. – Литванија среда
Шведска – Косово четврток
Чешка – Украина четврток
Хрватска – Шпанија четврток
Австрија – Турција четврток
реваншите се викендов