Ракометарите на Вардар ќе играат против Барселона во полуфиналето на фајналфорот во Лигата на шампионите. Ова е резултат од денешната ждрепка влечена во Келн, каде што ќе се одигра завршниот турнир. Во второто полуфинале ќе се сретнат Веспрем на Дејан Манасков и Киелце.

Интересен е и податокот дека екипите што учествуваат на завршниот турнир се натпреваруваа во групата А во ЛШ. На крајот од фазата по групи Барселона со 24 бода го освои првото место, Веспрем беше втор со 20, Вардар освои 19 бода, а Килеце 14. Каталонскиот гигант е единствениот клуб кој успеал да го победи Вардар два пати во тековната сезона (30-26 и 34-26).

Барселона е најтрофејниот тим во Лигата на шампионите со девет титули од кои последната е освоена во 2015 година. Киелце и Вардар имаат по еден трофеј, Полјаците победија во 2016, а „црвено-црните“ во 2017 година. Вардар се сретна со Барселона и на фајналфорот на кој стигна до трофејот, тогаш совладувајќи ги Каталонците со 26-25.

Веспрем е единствениот тим во оваа конкуренција без европска титула. Унгарците имаат два порази во финалните натпревари, во 2015 од Барселона и во 2016 од Киелце.

Завршниот турнир ќе се игра на 1 и 2 јуни.