Во сите досегашни четири изданија на фајналфор-завршницата на ЛШ настапија само Вардар и Будуќност. Вардарки денеска го пречекуваат Митјиланд со предност од еден гол, по првиот меч од четврт-финалето

Ракометарките на Вардар денеска од 17 часот (пренос на МТВ), во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, треба да го одиграат реваншот од четврт-финалето на Лигата на шампионите против данскиот првак Митјиланд. Првиот дуел заврши со минимална победа (24-23) за вардарки, кои во поголем дел од мечот бркаа негатива. – Свесни сме дека нема да биде лесно. Верувам дека ќе можеме со победа одново да обезбедиме учество на завршниот турнир во ЛШ. Сигурно ќе има многу емоции, но, мора да дадеме максимум за да дојдеме до посакуваното учество на турнирот во Будимпешта – изјави Јованка Радичевиќ, капитенка на вардарки.

Со вкупна победа по денешниот натпревар вардарки ќе го обезбедат петтото во низа учество на фајналфор-турнир на ЛШ. Откако се игра системот со фајналфор, од сезоната 2013/2014, Вардар и Будуќност настапија на сите досегашни четири изданија на турнирот, Ѓер има три настапи, Букурешт два, а по еден Митјиланд, Динамо и Ларвик. Во другите четвртфинални дуели трикратниот европски првак Ѓер со предност од шест гола ќе го пречека црногорскиот Будуќност. Риал Карго ќе гостува кај Ростов Дон и ќе брка негатива од два гола. Невозможна мисија ќе има францускиот шампион Мец, кој првиот меч со амбициозниот романски првак Букурешт го загуби со негатива од 13 гола.