Македонските ракометни кадети со четвртата победа во низа, овој пат над Швајцарија (32-31), сосема заслужено се најдоа на челната позиција (група А) на ЕП во Грузија

Македонската машка ракометна репрезентација (до 18 години), ја забележа и четвртата победа во низа на ЕХФ-шампионатот од дивизијата Б, што се игра во грузискиот град Тбилиси. Македонските кадети овој пат беа подобри од селекцијата на Швајцарија славејќи со 32-31 (15-12) и сосема заслужено се најдоа на челната позиција во групата А.

Избраниците на селекторот Данило Брестовац одиграа уште еден драматичен меч, со низа подеми и блесоци, но и падови во текот на играта и уште еднаш потврдија дека се сериозна, борбена и дисциплинирана селекција, која умее достојно да ги брани боите на Македонија.
– Презадоволен сум од борбеноста и дисциплината во играта, карактеристики што треба да нѐ красат во иднина. Играчите веќе се стекнуваат со потребното искуство за еден ваков турнирски начин на натпреварување. Полека се учат и дека треба да бидат максимално дисциплинирани во техничко-тактичкиот дел од играта. Нормално е што има и падови во играта, но ракометарите веќе почнаа и да ги амортизираат тие ситуации. Сметам дека од натпревар во натпревар се надградуваме и во полуфиналето ја очекувам нашата најдобра игра досега на ЕП – задоволно изјави селекторот Брестовац по победата над Швајцарија.

И во овој меч одличен на голот беше младиот Марко Кизиќ, кој со своите серии од одбрани не им дозволи на Швајцарците да направат пресврт и да ја преземат контролата врз играта. Повторно најефикасни во македонскиот напад беа Мартин Серафимов, со 10 гола, Игор Георгиев и Кристијан Симоноски, кои постигнаа по пет гола.
Во групата Б неизвесен е пласманот за полуфинале, бидејќи сите селекции теоретски имаат шанса за пласман. Во пресрет на синоќешните дуели од 4-то коло, првата позиција ја имаше Италија со четири бода, втор е домаќинот Грузија со три, следуваат Белорусија и Грција со по два бода, а последна е Финска со еден бод.

– Немаме посакуван или непосакуван противник за полуфиналето, можеме да се подготвиме за кој било од нив. Најважно е во мечот да влеземе со максимално борбен дух во одбраната и дисциплинирана игра во нападот, а резултатот сам ќе си дојде на крајот – додаде селекторот Брестовац.
Денес е слободен ден на шампионатот, а утре (11 ч.) во последниот меч од групната фаза, македонските кадети за противник ќе ја имаат селекцијата на Естонија .