Прв противник на скопјани денеска, од 21 часот, во СЦ „Борис Трајковски“, им е германски Кемниц најнерс. На турнирот играат шест екипи, победникот ќе се пласира во групната фаза на ЛШ
КОШАРКА – ОД ДЕНЕСКА КВАЛИФИКАЦИСКИ ТУРНИР ВО СКОПЈЕ
По минатогодишниот настап во квалификациите за Еврокупот, актуелниот победник на Купот на Македонија, ТФТ, на домашен терен ќе игра за најголемиот успех во клупската историја, а тоа е пласман во групната фаза на најквалитетното натпреварување што го организира Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА), Лигата на шампионите. Ќе се играат вкупно четири вакви квалификациски турнири, во Белград, Малага, Лисабон, а од денеска до недела и во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, каде што организатор е ТФТ.
На турнирот ќе играат и германски Кемниц најнерс, кој ќе му биде противник на ТФТ денеска од 21 часот, а во чиј стручен штаб е и поранешниот тренер на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, потоа британски Лестер рајдерс, романски Волунтари, швајцарски Фрибург олимпик и турски Тофаш. Победникот од дуелот ТФТ – Кемниц најнерс во полуфиналето ќе игра со Фрибург олимпик, а подобриот на мечот Лестер – Волунтари ќе игра со Тофаш. Полуфиналните средби се в петок, а финалето е в недела. Победниците на четирите турнири ќе обезбедат пласман во една од шесте групи во регуларниот дел од сезоната во ЛШ. Г.И.