Фото: ЕПА

На завршниот фајналфор се пласираа екипите на Олимпијакос, Монако, Барселона и на Реал

КОШАРКА – ЕВРОЛИГА, ПЛЕЈОФ

Кошаркарот на Олимпијакос, Костас Слукас, е прогласен за најкорисен играч (МВП) на петтите натпревари од четврт-финалето на плејофот во Евролигата. Капитенот на грчкиот клуб само вторпат во 12 сезони во Евролигата е прогласен за МВП на колото. На петтиот натпревар тој го предводеше тимот до победа против Фенербахче со 84-72 во решавачкиот натпревар, по кој Олимпијакос обезбеди пласман на фајналфорот втора година во низа, а тој по деветти пат ќе учествува на завршниот турнир во Евролигата.
Слукас имаше 22 поени и шест асистенции, со индекс 27, што беше највисок меѓу играчите чии тимови победија во петтите натпревари оваа недела. За време на мечот, тој ја забележа својата 1.500-та асистенција и стана само шестиот играч во историјата на Евролигата што надминал 4.000 индексни поени.
Највисок индекс од 35 поени имаше кошаркарот на Макаби, Вејд Болдвин, во поразот на неговиот тим од Монако со 86-97, а натпреварот го заврши со 27 поени, седум асистенции и шест скока. По него се Серхио Родригез од Реал Мадрид и капитенот на Партизан Кевин Пантер со по 26 индексни поени.
На завршниот фајналфор во Евролигата се пласираа екипите на Олимпијакос, Монако, Барселона и Реал. Олимпијакос ја доби серијата против Фенербахче со 3-2 во победи, Монако беше подобар од Макаби исто така со 3-2, Барселона беше убедлива против Жалгирис со 3-0, додека Реал успеа да го елиминира Партизан со 3-2, добивајќи го петтиот меч на свој терен со 98-94, откако претходно ги загуби првите два натпревара во Мадрид. Г.И