Собирот на репрезентацијата е в недела, а до заминувањето за Левице во Словачка во вторник имаме на располагање ден и половина, на кој ќе оствариме два тренинга. Всушност, тоа ќе биде повеќе да се потсетиме на принципите што ги работевме уште од летоска минатата година на натпреварите што веќе ги одигравме во овие претквалификации за ЕП 2025, вели Јончевски

КОШАРКА – АЛЕКСАНДАР ЈОНЧЕВСКИ, СЕЛЕКТОР НА МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Уште девет дена остануваат до одигрувањето на првиот од последните два натпревара на македонската машка репрезентација на гостински терен против Словачка (23 февруари) и против Норвешка три дена подоцна, во рамките на петтото и шестото коло во претквалификациите, а за пласман во главните квалификации на Европското првенство (ЕП) во 2025, во Летонија, Кипар, Финска и во Полска. Како што е познато, по четири одиграни кола, црвено-жолтите имаат исто толку победи и се на чело во групата Д. Само првиот од групата оди во главните квалификации.
– Списокот за последниот циклус натпревари е веќе предаден во КФМ, но уште не е објавен оти чекаме да видиме дали од повиканите 14 кошаркари, сите ќе можат да одговорат на повикот за претстојните два натпревара против Словачка и Норвешка. Едноставно сите тие играат викендов, а веќе следниот ден ќе мора да одговорат на предвидениот собир во Скопје. Моментно низ цела Европа се играат куп-натпревари, а нашиот Куп завршува в сабота. Собирот на репрезентацијата е в недела, а до заминувањето за Левице во Словачка во вторник имаме на располагање ден и половина, на кој ќе оствариме два тренинга. Всушност, тоа ќе биде повеќе да се потсетиме на принципите што ги работевме уште од летоска минатата година на натпреварите што веќе ги одигравме во овие претквалификации за ЕП 2025 – појаснува Јончевски.
Македонскиот селектор, како и досега, не ќе може да смета на сите посакувани кошаркари.

– Најверојатно повторно нема да можеме да сметаме на Андреј Јакимовски и на Ненад Димитријевиќ иако и двајцата се наоѓаат на списокот. Но сѐ ќе зависи како од нивните клубови така и од нив самите, иако шансите да не дојдат се 90 отсто. Јакимовски токму во февруари на колеџот во САД му претстојат најзначајните мечеви, а Димитријевиќ на 26 февруари има значаен натпревар во Зенит, така што целосно ги разбирам нивите евентуални отсуства. Што се однесува до Ти Џеј Шортс, тој е во конкуренција за настап, ние сме во постојана комуникација како со него така и со неговиот клуб. Сметам дека откако ги запозна сите кошаркари, сега уште подобро ќе се вклопи во репрезентацијата. Се работи за извонреден кошаркар, кој успешно ја пополни празнината со отсуството на Димитријевиќ. Сепак многу е битно на овие претстојни средби да бидеме што покомплетни, односно многу е важно дали ќе настапи и Стојан Ѓуровски, кој беше повреден, оти тој и Јакимовски играат само на позицијата четири, па ќе мораме да бараме друг играч, кој ќе биде на таа позиција. – констатира Јончевски.
И двата натпревара што следуваат се мошне битни за зачувување на првото место во групата Д, во овие претквалификации за ЕП 2025 година.
– Иако и двата меча се мошне значајни, сепак, според мене, позначаен ќе биде првиот меч против Словачка, оти и противникот си има своја математика, како и ние. Како што е познато, постојат повеќе опции, па, ете, можно е да се случи и со два пораза за да бидеме први, но ако другите резултати ни одат во прилог, како на пример Данска во претпоследното коло да ја победи Норвешка или ние да загубиме од Словачка со најмногу три коша разлика итн. Но најважно е ние и на двете средби да играме на победа и да не размислуваме за евентуални можни калкулации на другите средби – дециден е Јончевски.
Што се однесува до играчкиот состав кај ривалите, Јончевски со коментар.

– Норвежанецот Харлад Фреј, кој до дуелите со нас имаше реализација од над 25 коша по натпревар и од кој најмногу стравувавме, ние очигледно успешно го неутрализиравме, па се надевам дека така ќе биде и сега. Кај Словаците, пак, треба посебно да обрнеме внимание на Владимир Бродзијански, кој пред една недела си замина од Партизан и сега игра во Хувентуд. Од Данците очекував многу повеќе, посебно кога во првиот циклус натпревари во составот беше нивниот најдобар играч Габриел Лундберг. По сето ова, сега не знам какви им се амбициите на Данците, односно дали ќе настапат во најсилниот состав, а евентуална нивна победа против Норвешка или Словачка, секако дека одлично би дошла за нас. Не стравуваме од навивачката атмосфера во Словачка, оти таму сме играле неколкупати, а и салите никогаш не им биле полни. Сепак за Словаците, кошарката не е спорт број еден – смета Јончевски.
Јончевски верува дека успешно ќе бидат завршени претквалификациите за ЕП 2025.
– Останувам оптимист и на двата претстојни натпревари против Словачка и Норвешка ќе играме на победа, оти секоја победа е драгоцена и, секако, многу ќе им значи и на кошаркарите и мене како селектор – вели селекторот Јончевски. Г.И.