Во изминатиов период (од ноември наваму) е воочлива квалитативна разлика во спроведувањето на проектните активности во јавните институции, кои најчесто се во фокусот на стручната јавност, наспроти континуираните активности на независната сцена (здруженија, сојузи, асоцијации, трговски друштва), кои покажуваат поголема динамичност

Во пресрет на резултатите од годишните конкурси на Министерството за култура, асоцијацијата на независната културна сцена „Јадро“ ја претстави студијата на економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ, насловена „Националните финансиски политики во културата наспроти економско-социјалните услови за работа на независниот културен сектор“, со укажување дека финансиската поддршка на независната сцена е во опаѓање. Анализите покажуваат трендови на пораст и, соодветно, на пад на буџетските средства за културата во периодот од 2007 до 2021 година. Беше забележано дека дел од буџетските средства за културата во одделни години останува неискористен и дека процентот на реализирани државни вложувања во културата во периодот од 2007 до 2020 година се движел помеѓу 0,5 и 0,8 проценти од БДП, што е меѓу најниските во регионот, по Албанија. Според извештајот за расходи, на второто место е музејската дејност, а на претпоследното место се визуелни уметности, архитектура и дизајн. Доколу ги подвлечеме критичките опсервации на независната сцена и го пренасочиме фокусот од нивната состојба, вистинското прашање би било – не колку вкупно (и апстрактно) се одделува од вкупниот буџет за финансирање на културата, туку – дали преку поддржаните проекти, навистина се продуцира некакво значење од „национален“ интерес за културата.

Која и каква е структурата на независната сцена?

Во изминатиов период (од ноември наваму) е воочлива квалитативна разлика во спроведувањето на проектните активности во јавните институции, кои најчесто се во фокусот на стручната јавност, наспроти континуираните активности на независната сцена (здруженија, сојузи, асоцијации, трговски друштва), кои покажуваат поголема динамичност.
Сведоци сме на едно културно затишје, на дотрошување на „потенцијалот“ на изложбените активности во Музејот на современата уметност, награден со „Специјалното признание за креативност“ во 2022 година, со реализација на вкупно две изложби во изминативе три месеци, од кои едната е „Сè што ни е заедничко“, концепт што тежнее да стане традиција, како што стана самостојното претставување на еден домашен уметник годишно. Националната галерија, каде што поставките можеби и почесто се менуваат (и пократко траат), грижливо спроведува голем број самостојни и групни изложби, негувајќи го континуитетот на националната поставка.
Спротивно на ова, прашањето што се наметнува е што е она што го продуцира независната сцена. Каде се одвиваат нивните изложбени активности, културни настани, предавања и јавни расправи? Во кои простори? Дали сите активности на независната сцена имаат еднаков одраз во јавноста? Можеби пошироката јавност не треба да се занимава со подробностите дали некои од здруженијата немаат речиси никаква видливост на проектите, многу малку публика, и речиси секоја година се највисоко финансиски поддржани од Министерството за култура. Ако поголемиот дел од средствата се распределува за хонорари на неколку поединци, тогаш тоа имплицитно се одразува на цела една мрежа волонтери што остануваат во незавидна положба.
Наспроти несигурноста на „вистински“ независните културни работници, нетранспарентно, бројот на вработени во јавните институции се зголемува, партиски или на поинаков начин. Нововработените доаѓаат на местата на кадрите што остануваат во неизвесност, истуркани на „место на чекање“. Евидентно е дека постои „кадровско“ прелевање од независниот сектор во јавните институции и дека културните работници од т.н. „независна“ сцена полека се втопуваат во институционалните диспозитиви, под „покритие“ од државните буџетски средства.
Оттука, можеби посуштински треба да се дефинира која и каква е структурата на независната сцена. Дали можеби поединци од независната сцена учествуваат во креирање и на културните политики на/во јавните институции членувајќи во управните одбори? Дали не се тие истите оние коишто се борат за правата на културните работници од независната сцена? Дали можеби истите тие „независни институционалци“ – од мизансценот, добиваат средства за проекти што се поднесуваат во категоријата -„други корисници“ или како основачи на правни субјекти од независната сцена, поднесувајќи проекти во одделот на „интердисциплинарни дејности“.

Стратегијата „за сите по малку“ не остава простор за егзистенција

Веројатно и одржливоста на независната сцена не е исклучиво зависна од буџетските фондови, туку и од заложбите на поединци што би требало да останат надвор од институционалните рамки, за да дејствуваат, задржувајќи го правото на упатен глас кон надлежните, зборувајќи „од агората“.
Од стратегијата „за сите по малку“ видовме дека не останува простор за креативна и егзистенцијална одржливост на голем број уметници, кои најчесто се самофинансираат за ги реализираат своите проекти, а несомнено тие еднакво учествуваат во изградбата на културната сцена, а понекогаш можеби произведуваат и поголемо значење од она што се декларира дека го произведуваат здруженијата од независниот сектор. Во нивното име, за нивните хонорари, досега никој јавно не се заложил. Нивната битка во најдобар случај завршува со потврда за користење музејски простор, доколку и тоа успеат да го договорат. Оттука, незаобиколно е прашањето дали јавните институции се достапни за овие креативци. Дали институциите успеваат да антиципираат нови вредности или се промовираат исклучиво утврдени уметнички имиња?
За уметничката публика можеби е неважно дали некои од корисниците дополнително се финансирани од други фондови, од приватни спонзори, фондации, институти, донации и совети на одделни држави во нашава земја. Важно е дали проектите, концептите што се нудат пред јавноста, вистински ја ангажираат публиката и стручната јавност. Ако се поведеме од логиката на финансиското истражување околу работата на Министерството за култура, тогаш важно е дали постои „систем“ за валоризација пред следниот циклус на финансиско одобрување на институционалните проекти. Како се вреднуваат отчетот и квалитативниот аспект на програмите? Дали се поаѓа од степенот на видливост или според одразот во стручната јавност? Не е непознат и фактот дека објавите во странските медиуми, како што нагласуваат колегите критичари од регионов (а и институционалците не порекнуваат) – се плаќаат, и тоа за „добра“ рецензија?! Во овие медиуми досега не е промовирано ниту едно авторско име од нашава земја, но некако успеваме да го изградиме провинцијалниот комплекс, дозволувајќи си понекогаш дури и да поверуваме дека „светската“ слава на некои уметници не е самопрогласена.
За оваа опсервација исклучително важно е толкувањето на првите фази од формулирањето на идејата за културата спроведено од британскиот културен теоретичар Рејмонд Вилијамс (1921 – 1988), една од водечките фигури на „Новата левица“, кој сугерира дека со појавата на индустриското општество (Индустриската револуција моделирана по аналогија со Француската револуција) во последните децении на 18 век поимите индустрија, демократија, класа, уметност и култура се имплицитно зависни. Културата е одредена како „општа состојба на интелектуалниот развој во едно општество како целина“, како „општо тело на уметноста“, како „цел начин на живот, материјален, интелектуален и духовен“, а промените во уметноста резултираат со промени во културата. Според Вилијамс, идејата за културата би била поедноставна доколку таа не е одговор на политичките и општествените случувања – на демократијата, а формирањето на значењата во културата влијае и на значењето и практикувањето на уметноста. Според ирскиот општественик и филозоф Едмунд Берк (1972 – 1797), реформата не значи промена во суштината или нејзина модификација, туку директна примена во корист на она што е предмет на обжалување.
И конечно, дали навистина културата треба да се деполитизира? Или да се департизира?? Зарем не бевме сведоци сите овие изминати години на наизменичност на партиски тела во рамките на надзорните институции??? Политичките реформи би биле посакувани, бидејќи подразбираат активно дејствување и обединување околу заедничка визија или, ако ништо друго, барем показност на политичка волја. Појдовната точка би било да констатираме дека тука не станува збор само за културен туку за општествен проблем.

Натали Рајчиновска Павлеска