ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, ФИНАЛЕ, МАНЧЕСТЕР СИТИ – ИНТЕР
Во Истанбул, каде што во 2005 година се одигра едно драматично финале на Лигата на шампионите, вечерва Манчестер сити игра за првата, а Интер за четвртата европска титула. Првпат по тој меч од пред 18 години одново два тима првпат се среќаваат меѓу себе во официјален меч, и тоа одново во финале на ЛШ
Во финалето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) вечерва (21 часот) ќе играат Манчестер сити и Интер, а тоа ќе биде прво финале во Истанбул по тоа од 2005 година, кога во една вечер на голема драма, Ливерпул направи извонредно враќање од негатива од три гола за да го победи Милан на пенали и да ја освои петтата европска титула, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Манчестер сити игра за да стане 23-от клуб што ја освоил континенталната титула, а трикратниот првак Интер, пак, за прв трофеј по тој во 2010 година. Мечот од 2005 година беше првиот меѓусебен натпревар помеѓу Ливерпул и Милан, како што е случајот со Манчестер сити и Интер годинава, па првпат по 18 години две екипи првпат ќе се сретнат на официјален меч, и тоа во финале на ЛШ.
Пеп Гвардиола го освои натпреварувањето трипати со Барселона, еднаш како фудбалер, двапати како тренер.
– Ќе патуваме таму за да оствариме сон и ќе се обидеме да имаме добар натпревар и да го добиеме финалето. Знаеме дека имавме шанса пред две години, не успеавме. И годинава сме таму и ќе се обидеме да го дадеме најдоброто од себе. Ќе му пристапиме како што правиме за секој натпревар од Премиер-лигата, ќе се погрижиме играчите да бидат фокусирани на она што треба да го направат, ништо повеќе од тоа – вели меѓу другото Гвардиола, пренесе УЕФА.
Симоне Инѕаги како тренер на Интер сезонава веќе го освои трофејот во Купот на Италија и сега ќе се обиде да ја освои најголемата награда.
– Сезоната досега е извонредна, затоа што стигнавме до финале за кое сите сонувавме и го направивме со голем стил. Друг збор што би го користел е „заедно“, бидејќи заедно со нашата публика направивме нешто што мислевме дека е неостварливо. Но, сите заедно, покажавме дека можете да постигнете сѐ. Сега сѐ што треба да направивме е да го крунисаме ова финале, кое ќе биде возбудливо да се гледа.
Финалето ќе биде многу тежок натпревар. Шансите не се во наша корист, но тоа е она што го прави фудбалот толку возбудлив. Играме против една од најсилните екипи во светот, со тренер што сите добро го познаваме, но ќе се обидеме да бидеме подготвени. Нашиот пристап нема да се промени. Ќе има моменти во текот на натпреварот каде што ќе треба да бидеме поофанзивни и други кога ќе треба да бидеме силни во одбраната. Ни останува уште малку време да се подготвиме и да го земаме предвид секој детаљ – рече Инѕаги, пренесе УЕФА.
Гвардиола со триумф ќе стане четвртиот тренер што го освоил трофејот барем трипати, по Карло Анчелоти (победи по двапати со Милан и со Реал Мадрид), Боб Пејсли (трипати со Ливерпул) и Зинедин Зидан (трипати Реал Мадрид). Претходните триумфи на Интер беа под водство на Жозе Мурињо во 2010 година и на Хеленио Херера во 1964 и во 1965 година, што значи дека Инѕаги би можел да стане првиот италијански тренер што ќе го одведе Интер до европска титула, пишува УЕФА.