Фото: Игор Бансколиев

Осминафиналистите се од осум земји, има еден дебитант, четири тима се од лиги што не се меѓу најдобрите пет, што е повеќе отколку во трите претходни сезони заедно, првпат по 18 години, Барселона не е во осминафиналето, укинато е правилото за голови на гости од 1965 година…

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Со првите четири меча неделава и следната со преостанатите четири први осминафинални дуели продолжуваат возбудувањата во најквалитетното клупско фудбалско натпреварување во Европа, Лигата на шампионите (ЛШ). Ова ќе биде прва нокаут-фаза во ЛШ по укинувањето на правилото за предност на тимовите со повеќе постигнати голови на гости при вкупен нерешен резултат по два меча, воведено во 1965 година. Нерешените резултати по два натпревара сега, секако, ќе значат дека ќе се играат продолженија, а потоа, ако нема победник, ќе има пенали.
Првпат по 18 години, Барселона не е во осминафиналето и сезоната ќе ја продолжи во Лига Европа. За разлика од Барселона, англиските клубови не попуштаат, односно четврти пат во претходните пет сезони најмалку четири тима се во осминафиналето. Три од нив се меѓу четирите фаворити кај обложувачниците за освојување на титулата (Манчестер сити, Ливерпул, Челси и Баерн). Лани Челси го победи Сити во финалето, па дилемата е дали слична приказна може да се повтори и годинава, како и дали Пеп Гвардиола може да го освои трофејот без Барселона и без Лионел Меси?
Осминафиналистите доаѓаат од осум земји, од Англија, Шпанија, Италија Германија, Франција, Португалија, Холандија и од Австрија, од каде што е дебитантот во нокаут-фазата, Салцбург. Четири тима, Ајакс, Бенфика, Спортинг и Салцбург, се од лиги што не се меѓу најдобрите пет, што е повеќе отколку во трите претходни сезони заедно (Порто во 2019 и во 2021 година и Ајакс во 2019 година). Ждрепката мораше да се повтори откако беа направени грешки во првичното влечење. Манчестер јунајтед требаше да игра со ПСЖ, Кристијано Роналдо против Лионел Меси. Наместо тоа, Јунајтед ќе игра со Атлетико, ПСЖ потоа го доби Реал Мадрид. Ливерпул го доби Салцбург, кој потоа беше заменет со шампионот и лидер во Серија А, Интер. Баерн наместо со Атлетико, сега ќе игра со Салцбург.