Лигата на шампионите (натпреварување порано со име Куп на шампионите) досега ја освоиле стотици фудбалери, некои од нив се легенди, трофејни фудбалери, но останале без настап за својата репрезентација од разни причини. Само од фудбалерите опфатени со овој серијал може да се состави силен тим, со играчи со вкупно 29 европски титули, а во него би биле голманите Стај и Клос, одбранбените фудбалери Бланкенбург, Гали, Брио, Атиенса Ландета и Брус, плејмејкерите Дирнбергер, Мекгаверн, Кејс, Артета, Габи и Цобел и напаѓачите Боер и Ферклаф. Од нив многумина станаа тренери, Артета, на пример, сега е во англискиот вицешампион Арсенал, Брус е во ВБА…

ТРОФЕЈНИ ЛЕГЕНДАРНИ ФУДБАЛЕРИ БЕЗ НАСТАП ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА (9)

Многу фудбалери сезонава играа за освојување на големиот трофеј во Лигата на шампионите, повеќе од нив веќе го освоиле барем еднаш, некои играа и за рекорден шести таков пехар, а многумина од нив имаат и трофеи или значајни успеси со своите репрезентации. Лигата на шампионите (натпреварување порано со име Куп на шампионите и со сосема поинаков систем на натпревари, но, секако, натпреварување за европската клупска титула) досега ја освоиле стотици играчи, некои од нив се легенди и трофејни фудбалери, но останале без настап за својата репрезентација, од разни причини.
Меѓу нив има, на пример, и трикратни европски прваци, но и други фудбалери, кои биле клупски шампиони на Европа и на светот, освојувачи на други европски купови, младински континентални прваци со соодветните репрезентации… Во претходните неколку продолженија ви ги претставивме голманот Хенц Стај (78) од Холандија и одбранбениот фудбалер Хорст Бланкенбург (75) од Германија, двоецот од славните денови во 1970-тите години на холандскиот Ајакс, со кој трипати беа европски прваци, потоа уште еден трикратен европски шампион, Германецот Бернд Дирнбергер (69), универзалниот фудбалер дефанзивниот играч од средниот ред на германскиот Баерн, плејмејкерот од Шкотска, Џон Мекгаверн (73), капитен при освојувањето на двете европски титули на англискиот Нотингем форест, уште еден трикратен европски шампион (со Ливерпул), плејмејкерот од Англија, Џими Кејс (68), двократниот континентален првак (со Нотингем форест), Ијан Боер од Англија, центарфорот од Англија, кој освои две европски титули (со Ливерпул), Дејвид Ферклаф (66), како и Италијанците Филипо Гали (60) и Серџо Брио (66) и Шпанецот Ангел Атиенса Ландета (1931-2015) одбранбени играчи на Милан, Јувентус, односно на Реал Мадрид.

Покрај овие 10 фудбалери, има и некои други истакнати играчи на клупски план, со европски и светски титули, но без настап за својата репрезентација. Германецот Стефан Клос, на пример, беше голман на Борусија Дортмунд (одиграл 339 меча, на 114 не примил гол), кога тој германски клуб стана европски и светски првак во 1997 година, по победите во финалињата со италијанскиот Јувентус (3-1), односно со бразилскиот Крузеиро (2-0). Клос одигра мечеви за младите репрезентации на Германија, а негови конкуренти за место во сениорската селекција во тоа време беа, на пример, Оливер Кан, Бодо Илгнер, Андреас Кепке… Микел Артета беше младински европски првак во 1999 година со репрезентацијата на Шпанија за фудбалери до 16 години, а за место во средниот ред на сениорската репрезентација на Шпанија во тоа време конкурираа и Андрес Иниеста, Чави, Чаби Алонсо, Сеск Фабрегас… Неговиот сонародник Габи, од средниот ред на Атлетико Мадрид, освои, меѓу другото, два трофеја во Лига Европа, во 2012 и во 2018 година, и има две европски вицешампионски титули, во 2014 и во 2016 година. Англичанецот Стив Брус со Манчестер јунајтед во 1991 година беше победник во Купот на победниците на куповите и во Суперкупот на Европа, со тој клуб победи по трипати во домашното првенство и во ФА-купот на Англија. Плејмејкерот од Германија Рајнер Цобел трипати ја освои европската и еднаш светската титула со Баерн од 1974 до 1976 година… Сите се без настап за сениорска репрезентација.

Само од фудбалерите опфатени со овој серијал може да се состави силен тим со играчи со вкупно 29 европски клупски титули, а во екипата би биле голманите Стај и Клос, одбранбените фудбалери Бланкенбург, Гали, Брио, Атиенса Ландета и Брус, плејмејкерите Дирнбергер, Мекгаверн, Кејс, Артета, Габи и Цобел и напаѓачите Боер и Ферклаф. Од нив многумина станаа тренери, Артета, на пример, сега е во англискиот вицешампион Арсенал, Брус е во Вест Бромвич албион… Г.М.