Фото: ЕПА

Италија во новата сезона на ЛШ ќе има пет клуба, можеби и Германија, која на табелата на УЕФА има предност пред Англија пред полуфиналињата во трите европски купа. Според информациите, три земји досега имаа по пет тима во групната фаза на ЛШ, и тоа Шпанија трипати, а по еднаш Англија и Германија. Италија може да стане и првата што ќе има шест

ФУДБАЛ

Англија има мали шанси да има пет екипи во Лигата на шампионите во следната сезона откако минатата недела само еден клуб од фудбалската Премиер-лига остана во европските купови. Астон Вила, која го победи Лил на пенали и се пласира во полуфиналето на Конференциската лига, е единствениот преостанат англиски клуб во Европа откако Арсенал, Манчестер сити, Вест хем и Ливерпул беа елиминирани.
Тоа ја остави Англија на третото место на табелата на Европската фудбалска унија (УЕФА) со коефициент 17,375, зад Германија (17,928) и Италија (19,428), а дополнителни места добиваат првите две земји од тоа рангирање.
Победа вреди два бода, нерешено еден, а има и бонус-поени за пласман во одредени фази на натпреварувањата. Дури и ако Астон вила би го победила Олимпијакос во двата меча од полуфиналето, а потоа слави на дуелот со Фиорентина или со Клуб Бриж во финалето, на Англија, сепак, ќе ѝ треба преостанатите германски тимови (Баерн, Борусија Дортмунд и Баер) да ги загубат сите преостанати мечеви за да ја престигне Германија, а уште две победи или две нерешени средби и една победа за германските тимови ќе бидат доволни за обезбедување на второто место на табелата, пишува „Скај спорт“. Баерн игра со Реал Мадрид, а Борусија Дортмунд со Пари сен Жермен во полуфиналето на Лигата на шампионите, а Баер ќе се сретне со Рома во полуфиналето на Лига Европа.
Италија обезбеди дополнително место во Лигата на шампионите и може да има и шест тима што ќе се натпреваруваат во најсилното клупско фудбалско натпреварување. Тоа би се случило ако, на пример, Аталанта, која по мечевите во саботата е седма во Серија А, остане надвор од петте најдобри во домашното првенство и ја освои Лига Европа, пишува „Скај спорт“.
Според информациите, три земји досега имаа по пет тима во групната фаза на Лигата на шампионите, и тоа Шпанија трипати (во сезоната 2015/2016 играа Атлетико Мадрид, Барселона, Реал Мадрид, Севилја и Валенсија, во 2021/2022 Атлетико, Барселона, Реал, Севилја и Вилјареал и во 2023/2024 Атлетико Барселона, Реал, Сосиедад и Севилја), а по еднаш Англија (2017/2018 Челси, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед и Тотенхем) и Германија (2022/2023 Баер, Баерн, Борусија Д., Ајнтрахт и Лајпциг).
Од водечките три земји на годинашната ранг-листа на УЕФА по средбите во саботата на првите пет места во првенството на Италија се Интер, Милан, Јувентус, Болоња и Рома (меч помалку од Болоња). Во Германија, на позициите на табелата што носат пласман во ЛШ се наоѓаат Баер, Баерн, Штутгарт и Лајпциг, а петта е Борусија Дортмунд, со три бода и меч помалку од Лајпциг. Од Англија, пак, водечки тимови се Арсенал (натпревар повеќе), Манчестер сити, Ливерпул, Астон вила (натпревар повеќе), Тотенхем… Н.М.


ПО ПЕТ ТИМА ВО ЛШ ВО ЕДНА СЕЗОНА

СЕЗ. ЗЕМЈА КЛУБОВИ
2015/16 Шпанија Атлетико М., Барселона, Реал М., Севилја, Валенсија
2017/18 Англија Челси, Ливерпул, Манчестер с., Манчестер ј., Тотенхем
2021/22 Шпанија Атлетико М., Барселона, Реал М., Севилја, Вилјареал
2022/23 Германија Баер, Баерн, Борусија Д., Ајнтрахт, Лајпциг
2023/24 Шпанија Атлетико М., Барселона, Реал М., Севилја, Сосиедад

за сезоната 2024/25 Италија сигурно ќе има пет тима, а Германија води во трката со Англија за уште една земја со пет клуба во ЛШ