Шпанија и Франција се двете селекции со победи на ЕП, СП и во Лигата на нации, а и двете селекции биле и олимписки победници, имале младински европски и светски прваци…

ФУДБАЛ – СО ТРИУМФОТ ВО ЛИГАТА НА НАЦИИ

Шпанската фудбалска репрезентација го освои трофејот во третото издание на Лигата на нации, откако на пенали со 5-4 (по 120 минути игра беше нерешено, 0-0) ја совлада селекцијата на Хрватска, во финалето одиграно во Ротердам (Холандија). Третото место во годинашната Лига на нации го освои Италија, откако ја победи Холандија со 3-2 во натпреварот за освојување на бронзениот медал.
Селекцијата на Шпанија е трет победник на Лигата на нации, откако во првите две изданија на ова натпреварување победија Португалија (во 2019 година) и Франција (во 2021 година). Шпанија беше финалист и пред две години, а за репрезентацијата на Хрватска ова беше највисок пласман досега во Лигата на нации.
Фудбалска Шпанија сега ги има сите актуелни трофеи што може да се освојат во машка конкуренција, откако сениорите биле и победници на европските првенства (ЕП), во 1964, 2008 и во 2012 година и на светско првенство (СП) во 2010-та.
Такви успеси има и Франција, која беше светски првак во 1998 и 2018 година, европски шампион во 1984 и 2000-та и победник на Лигата на нации во 2021 година. И двете земји биле и олимписки победници (Франција во 1984 година, Шпанија во 1992-та), имале младински европски и светски прваци… Н.М.