ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА

Во градското дерби, Манчестер сити убедливо го совлада Манчестер јунајтед, со 6-3

Манчестер сити убедливо го совлада Манчестер јунајтед, победувајќи го со 6-3, во градското дерби, на кое беа постигнати најмногу голови во кое било натпреварување. Во аналите ќе биде запишано и дека Манчестер сити за првпат постигнува шест гола на домашен меч против Манчестер јунајтед во сите натпреварувања. Во претходните два случаја, Манчестер сити постигна по шест гола против Манчестер јунајтед, но на гости (6-1 во јануари 1926 и 6-1 во октомври 2011 година).

Од почетокот на сезоната 2020/2021, Манчестер јунајтед прими четири и повеќе голови во првото полувреме на четири натпревари во Премиер-лигата (против Спарс во октомври 2020, Ливерпул во октомври 2021, Брентфорд во август 2022 и сега против Манчестер сити), двојно повеќе од која било друга екипа.

Головите за победничкиот тим ги дадоа Ерлинг Холанд и Фил Фоден, со што Манчестер сити стана третата екипа со двајца играчи што дале хет-трик на еден натпревар во Премиер-лигата, по Арсенал против Саутемптон во мај 2003 година (Џермејн Пенант и Робер Пирес) и Лестер против Саутемптон во октомври 2019 година (Ајозе Перез и Џејми Варди).

Ерлинг Холанд стана првиот играч со три хет-трика во низа во Премиер-лигата (претходно против Нотингам форест и Кристал палас) и на 11-те меча веќе стигна до бројката од 17 гола, во просек по гол на секои 54 минути. Хет-трик, прв за него за Манчестер сити, постигна и Фил Фоден, вкупно 51 за Манчестер сити на 180 меча, сите под водство на Пеп Гвардиола, од дебито во сезоната 2017/2018. На возраст од 22 години и 127 дена, Фоден стана најмладиот играч под водство на Гвардиола што постигнал 50 и повеќе голови, со што го собори рекордот на Лионел Меси во Барселона. Аргентинската суперѕвезда беше 35 дена постар од Фоден кога го постигна 50-от клупски гол под водство на Гвардиола, на возраст од 22 години и 162 дена. Л.Д.