ФУДБАЛ

Велс ќе игра на СП по пауза од 64 години

Фудбалската репрезентација на Велс се пласира на Светското првенство (СП) годинава во Катар, откако ја победи селекцијата на Украина дома, со 1-0, во финалето на плејофот, пат А, за пласман на Мундијалот. Велс се враќа на светските првенства по пауза од 64 години (играше на СП 1958 во Шведска, кога ја помина групната фаза и во четврт-финалето загуби од подоцнежниот шампион Бразил со 0-1). Велс на СП 2022 ќе настапи во групата Б, во која се Англија, Иран и САД. За Мундијалот годинава има уште две слободни места, за пополнување на едното денеска ќе играат ОАЕ – Австралија, а потоа победникот со Перу в понеделник, а за другото Костарика и Нов Зеланд (на 14 јуни). Овие плејоф-мечеви се играат во Катар.


ФУДБАЛ – ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ

Меси со „петка“ изби на четвртото место

Лионел Меси ги постигна сите пет гола во победата на фудбалската репрезентација на Аргентина со 5-0, во пријателскиот натпревар со селекцијата на Естонија, игран во Памплона (Шпанија). Со тоа Меси сега има вкупно 86 гола во дресот на Аргентина, на листата на стрелците за два гола го престигна Ференц Пушкаш (Унгарија) и изби на четвртото место.
Водечки стрелец во оваа категорија, со 117 гола, е Кристијано Роналдо, кој, пак, постигна два погодока во победата со 4-0 на Португалија на мечот со Швајцарија, дома, во второто коло на Лигата на нациите, лига А. Меси првпат постигна пет гола на еден дуел за репрезентацијата на Аргентина, а вторпат сметајќи ги и клупските натпревари.