Селекторот Игор Ангеловски, одлучи да го изостави Илија Несторовски од квалификациониот меч со Германија в среда, откако македонскиот фудбалски репрезентативец синоќа искажа вулгарни зборови пред камерите по постигнувањето на гол во победата над Лихтенштајн од 5-0, во квалификациите за Светското првенство во 2022 година.

– Бидејќи вчера на прес-конференцијата кажав дека од кога ќе ја погледнам снимката ќе ја коментирам ситуацијата со Несторовски сакам да ѝ го соопштам на јавноста следното – најнапред драго ми е што се извини и што даде свое објаснување зошто го направил тоа, но такво однесување од репрезентативец не може да помине несанкционирано, затоа е ослободен од обврските за следниот натпревар со Германија – соопшти Ангеловски.

Напаѓачот на Удинезе, на вчерашниот натпревар против Лихтенштајн од пенал го постигна петтиот гол, па реагираше бурно, а по мечот истакна дека пораката која ја упатил е за три личности кои во изминатите денови му се заканувале нему и на семејството.

Пред селекторот да ја соопшти одлуката, Несторовски уште еднаш јавно се извини, нагласувајќи дека неговите зборови во никој случај не биле упатени кон целата јавност и рече дека ќе прифати секоја одлука што ќе ја донесе стручниот штаб.

– Како може некој тогаш да помисли дека им се обраќам на сите критичари, додека ја имам капитенската лента во тој момент. Беше за поединци. А со критиките сум навикнат да се носам уште од почетокот на мојата кариера – посочи напаѓачот.

Македонскиот национален тим задутре ќе гостува во Германија.