Фото: Игор Бансколиев

Словенија е репрезентација што ни е доста добро позната, нѐ очекува еден интересен меч, се надевам дека овој дуел ќе биде добра подготовката за она што ќе нѐ очекува во Букурешт, вели селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски, пред мечот денеска од 18 часот во Скопје

ФУДБАЛ

Македонската фудбалска репрезентација денеска (од 18 часот, арена „Тодор Просеки“) ќе го одигра првиот тест-натпревар, со селекцијата на Словенија, во Скопје, пред дебитантскиот настап на Европското првенство (ЕП) што почнува на 11 јуни. Втората контролна средба, исто така, во Скопје, е в петок со репрезентацијата на Казахстан. По подолго време репрезентативците повторно ќе играат пред публика (за мечот со Словенија во продажба беа пуштени 10.000 влезници).
– Подготовките добро течат, се надевам дека и Енис Барди наскоро ќе ни се приклучи, се работи за еден исклучителен фудбалер, кој е многу важен дел од овој тим. Добро е што ќе има публика на натпреварите да ги поздрави репрезентативците за сето она што го направија досега. Словенија е репрезентација што ни е доста добро позната, нѐ очекува еден интересен натпревар, се надевам дека овој дуел ќе биде добра подготовката за она што ќе нѐ очекува на мечевите во Букурешт – вели селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски.
Македонија на Европското првенство ќе дебитира на 13 јуни, во Букурешт, со мечот со Австрија. Четири дена подоцна, исто така, во Букурешт, е средбата од второто коло во групата Ц, со Украина, а на 21 јуни е и дуелот со Холандија, во Амстердам. Во осминафиналето на ЕП 2020 ќе се пласираат првите две селекции од секоја од шесте групи, како и четирите најдобри репрезентации меѓу третопласираните.
– Се подготвуваме одлично, атмосферата во репрезентацијата е на едно високо ниво, очекуваме денеска наша добра игра и победа. Македонија на секој натпревар игра на победа – вели репрезентативецот Стефан Ристовски.


СЛЕДНИ МЕЧЕВИ НА МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
ПРИЈАТЕЛСКИ

Македонија – Словенија 18 ч.
Македонија – Казахстан петок
двата меча се во Скопје
ЕП 2020, ГРУПА Ц
Македонија – Австрија 13 јуни
Македонија – Украина 17 јуни
Македонија – Холандија 21 јуни
средбите се играат во Букурешт и во Амстердам