ФУДБАЛ

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, изјави дека е малку веројатно оти центархалфовите Вирџил ван Дајк и Џe Гомез ќе бидат подготвени за Европското првенство (ЕП) летово, пренесува „Би-би-си“. Холандскиот репрезентативец Ван Дајк беше опериран откако во октомври лани, на мечот против Евертон, претрпе оштетување на вкрстените лигаменти на коленото. Гомез беше повреден на подготовките на репрезентацијата на Англија во ноември и мораше да го оперира левото колено.
– Џо воопшто не трча, Вирџил по малку трча, но со доста маки – изјави Клоп.
Одложеното ЕП од лани поради, пандемијата на коронавирусот, треба да се игра од 11 јуни до 11 јули.

– Не е моја одлука за тоа дали тие се во плановите на селекторите, но, да бидам искрен, информацијата што ја имам во моментот е дека тоа е малку веројатно. Не е дека јас не ги пуштам, тоа е поради природата на повредите. Јас сум секогаш отворен за позитивни изненадувања и би сакал тие одеднаш да се појават на тимскиот тренинг, но никој досега не ми спомнал такво нешто. Кога треба да се вратиш на теренот за да бидеш подготвен да играш на ЕП? Една недела пред тоа? На денот кога ќе почне ЕП? Не знам. Тие ќе бидат подготвени за игра кога ќе бидат комплетно здрави и во оптимална форма – вели Клоп.