Завршниот турнир треба да се одржи од 11 јуни до 11 јули, со полуфинале и финале на „Вембли“ во Лондон, но поради ограничувањата при патувањата поврзани со ковид-19, УЕФА разгледува и други опции, пишува „Скај спорт“

ФУДБАЛ

Премиерот Борис Џонсон потврди дека Велика Британија се понудила да биде домаќин на нови, дополнителни натпревари на одложено за годинава од лани Европско првенство (ЕП) во фудбал. Турнирот треба да се одржи во 12 земји од 11 јуни до 11 јули, со полуфиналиња и финале на стадионот „Вембли“ во Лондон. Но поради ограничувањата при патувањата поврзани со пандемијата на коронавирусот, Европската фудбалска унија (УЕФА) разгледува и други опции, како и тоа дали и колку гледачи да присуствуваат на стадионите, а одлуката на УЕФА во врска со овие дилеми треба да биде донесена во почетокот на април, објави „Скај спорт“ пренесувајќи ја изјавата на Џонсон дадена за таблоидот „Сан“.

„Скај спорт“ пренесува и дека весникот тврди и дека Владата на Велика Британија ја поддржала заедничката кандидатура на Англија, Шкотска, Велс, Северна Ирска и на Република Ирска за организација на Светското првенство во 2030 година, и оти премиерот изјавил оти е „вистинско време фудбалот да се врати дома“.
Студијата за оправданост за тоа е во тек и ќе продолжи до формалниот процес на наддавање следната година (одлуката за домаќинот треба да биде донесена во 2024 година).
Англиската фудбалска асоцијација (ФА) објави преку Твитер дека го поздравува „ветувањето на Владата од 2,8 милиони фунти поддршка за потенцијалната понуда“ за организација на СП 2030.
Во заедничката изјава на ФА и на фудбалските асоцијации на Шкотска, Велс, Северна Ирска и на Република Ирска се вели: „Фудбалските асоцијации и владините партнери на Велика Британија и на Ирска се одушевени што Владата се обврзува да ја поддржи потенцијалната понуда на петте асоцијации за СП 2030.

Ние ќе продолжиме со работите за процена на одржливоста на понудата пред Светската фудбалска федерација официјално да го отвори процесот во 2022 година“.
Како други земји интересенти за организација на фудбалското Светско првенство во 2030 година се спомнуваат Мароко, потоа заеднички Шпанија и Португалија, потоа Србија, Романија, Бугарија и Грција, и како фаворити, Уругвај, Аргентина, Парагвај и Чиле. Светското првенство во 2022 година ќе се одржи во Катар, а домаќини на Мундијалот во 2026 година се САД, Канада и Мексико.