Она на што најмногу реагираат стручните коментатори, поранешни познати фудбалери и поранешни судии е недоследноста во донесувањето одлуки и за улогата на ВАР

ПО ДЕРБИТО ТОТЕНХЕМ – ЛИВЕРПУЛ

На натпреварот од англиската фудбалска Премиер-лига, Тотенхем – Ливерпул, 2-2, имаше сѐ што може да се посака, пишува „Би-би-си“. Многу шанси, прв гол на Хари Кејн по подолго време, црвен картон (за Ендрју Робертсон од Ливерпул) и контроверзии околу некои одлуки на судијата Пол Тирни, како и на уделот на системот видеопомошник-судија (ВАР) во тоа.
Во Ливерпул реагираат поради недосуден пенал над Диого Жота и за неисклучувањето на Кејн за преостар старт над Робертсон, односно давањето само жолт картон. ВАР му сугерираше на Тирни да ја прегледа снимката од прекршокот на Робертсон по што го исклучи, но не реагираше за спорниот остар прекршок на Кејн.
– Не треба судија што ќе помага. Потребен ни е судија што е јасен и објективен. При трите битни одлуки, тој еднаш беше во право, кога го исклучи Робертсон, а двапати погреши, за пеналот и за фаулот на Кејн. Сите три одлуки беа против нас. Мислевме дека ВАР зел слободен ден, бидејќи не се огласи при две спорни ситуации, но за црвениот картон на Робертсон се јави – негодуваше Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, по мечот.
Она на што најмногу реагираат стручните коментатори, поранешни познати фудбалери и поранешни судии е недоследноста во донесувањето одлуки и за улогата на ВАР. До лани се судеа пенали и за најмал контакт во 16-те метри, а сега се отиде во друга крајност, па пенал е само кога има очигледен прекршок.