Врховниот суд на САД денеска донесе историска одлука, која би можела да доведе до легализација на спортското обложување во повеќе тамошни сојузни држави. Судот одлучи дека федералниот закон стар 25 години, со кој се забранува спортското обложување надвор од сојузната држава Невада е неуставен, со седум гласа за, наспроти два против. 

Федералниот закон од 1992 година кој го забрани обложувањето, беше оспоруван од властите во Њу Џерси, бидејќи во него се посочува дека секоја сојузна држава треба да има право да се изјасни за прашањето. Жителите на Њу Џерси веќе гласаа за легализирање на спортското обложување во 2011 година, додека 20 сојузни држави го поддржаа нивното барање. Исклучок од забраната за обложување има во Невада, Монтана, Орегон и во Делавер.

Американските медиуми сметаат дека одлуката би можела да им овозможи дополнителни приходи на сојузните држави преку легализација на спортското обложување. Се очекува 32 сојузни држави да го озаконат обложувањето во рок од пет години. 

Се проценува дека Американците трошат 154 милијарди долари годишно на нелегално обложување, според американската асоцијација за игри на среќа (наспроти петте милијарди долари на легални облози во Невада), а легализираното обложување би требало да донесе дополнителен приход од 12 милијарди долари годишно од игрите на среќа. Акциите на американските казина, пак, веќе почнаа да бележат раст по одлуката.

– Денешната одлука претставува победа за милиони Американци кои сакаат да се обложуваат на тимските спортови на легален и безбеден начин – кажа Џеф Фриман, претседателот на американската асоцијација за игри на среќа.

Заслугите за правната победа му се припишуваат на поранешниот гувернер на Њу Џерси, Крис Кристи, кој го оспори федералниот закон, додека на поразената страна се најдоа четири професионални тимски спортови во САД – бејзболот, хокејот, американскиот фудбал и кошарката, чии раководства успешно го блокираа барањето на Њу Џерси во пониските судови со години. Професионалните тимски спортови во САД досега се противеа на обложувањето (колективно ја тужеа државата Њу Џерси во два наврати), сметајќи дека тоа би ја загрозило регуларноста на мечевите. М.Ж.