„Зашеметен“ од Лукас Берфус на македонски

Во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-или“е објавен краткиот роман „Зашеметен“ од познатиот швајцарски писател Лукас Берфус. Преводот од германски е на Ксенија Чочкова и е поддржан од преведувачката мрежа „Традуки“. По објавувањето на овој роман, авторот Лукас Берфус во 2019 г. ја добил најпрестижната книжевна награда „Георг Бихнер“ за писатели од германското јазично подрачје.
Лукас Берфус е роден во 1971 година во Тун, Швајцарија. Пишува драми, романи, есеи. Неговите драми се играат насекаде низ светот, а неговите романи се преведени на повеќе од дваесет јазици. За своите дела е награден со повеќе награди, меѓу кои: литературната награда на Берлин (во 2013 год.), швајцарската награда за најдобар роман (за „Коала во 2014 год.), наградата „Николас Борн“ (во 2015 год.) и наградата „Георг Бихнер“ (2019 год.). Со романот „Зашеметен“ беше финалист за наградата за најдобар роман на Лајпцишкиот саем на книгата.
Приказната почнува со еден маж како стои во толпата пред влезот на една стоковна куќа и одеднаш одлучува, без особена причина за тоа, да следи една жена. Не ја познава, ја гледа само одзади, но како во игра си вели: „Ако тргне по тој пат, нема веќе да ја следам; ако оди во оваа насока, ќе ја продолжам играта уште малку.“ Целата таа игра не значи ништо, никој не е оштетен, а растојанието во толпата е толку големо што жената не може да го забележи. За еден час Филип и онака има важен состанок. Но веќе се прашува дали би можел да го одложи. Она што го мотивира не е јасно. Дали ја следи жената зашто му е здодевно? Дали е луд? Дали е криминалец? Изгледа како и самиот да бега од нешто. Во воздухот се насетува закана. Во сите сетилни набљудувања има нешто вознемирувачки надреално. Сите прашања за нашата животна реалност во 21 век добиваат неодминлива острина…
– „Зашеметен“ е мајсторско дело што не ја крие Ахиловата петица: Тоа е естетско суверен, но и ранлив портрет на човекот на прагот од епохата – пишува Мајк Фесман за „Зидојче цајтунг“.