Перформанс и предавање на уметницата Делејн Ле Бас од Англија, конципирани за Музејот на современата уметност – Скопје по повод отворената изложба „Сѐ што ни е заедничко“, во рамките на проектот „Манифеста 14 Приштина – Западен Балкан“, ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во МСУ. Настанот се организира со финансиска поддршка од британска амбасада во Скопје.
– Приказни од куќата на Ле Бас. Времето се преклопува. Куќата на Ле Бас. Грешки. Што беше тоа? Што е тоа? Дали го имам видено порано? Дали навистина гледате кога гледате? Дали навистина слушате кога слушате? Чувајте се од лингвистичко инженерство. И преку уметноста ќе најдеме ли правда? И каде е ромската амбасада? Замина во тишината на ударот – се некои од прашањата во фокус на предавањето.
Дилејн Ле Бас е британска уметница што создава инсталации, перформанси, фотографии и филмови. Таа е една од шеснаесетте уметници што се дел од „Изгубениот рај“ – првиот ромски павилјон на Биеналето во Венеција во 2007 година. Нејзините дела се вклучени во Биеналето во Венеција во 2007 година, Биеналето во Прага во 2005 и 2007 година, Биеналето во Гвангжу во 2012 година, националната галерија на уметноста „Зачета“ во 2013 година, Музејот на современата уметност во Вроцлав во 2014 година, третото издание на проектното биенале за современа уметност „Арк андерграунд“ во Босна и Херцеговина во 2015 година, Биеналето во Будимпешта во 2015 година, Проширеното меѓународно биенале за современа уметност во Гетеборг…

– Големата меѓународна изложба „Сè што ни е заедничко“, која може да се погледне во Музејот на современата уметност – Скопје до 23 февруари, обединува ромски уметници од цела Европа, за да ја истражат историјата на исклученоста, која, пак, ги истражува прашањата за бришење, исклучување и маргиналност на ромските заедници во различни европски политички контексти. „Сè што ни е заедничко“ го отвора сложениот универзум на хетерогениот идентитет на Ромите и прифаќањето на различностите – пишува во текстот објавен деновиве на платформата.
Изложбата „Сè што ни е заедничко“ се организира во рамките на 14-то европско номадско биенале за современа уметност „Манифеста“. Куратори на изложбата се Мустафа Асан, Мо Диенер, Мира Гаќина и Јованка Попова.
Музејот на современата уметност – Скопје e партнерскa институција на една од најзначајните манифестации за современа уметност, 14-то по ред европско биенале „Манифеста“. Уметници чии дела се изложени на оваа поставка се: Дилејн Ле Бас (Англија), Ахмет Кадри (Македонија), Сеад Казанџиу (Албанија), Лубош Котлар и Роберт Габрис (Словачка), Рома Џем Сешн уметнички колектив – Мустафа Асан, Мо Динер, Милена Петровиќ (Македонија/ Швајцарија/Србија), Нихад Нино Пушија (Босна и Херцеговина/Германија), Андре Јено Рацш (Германија), Емилија Ригова (Словачка), Цеија Стојка (Австрија), Ден Тарнер (Англија) и Дурмиш Ќазим (Македонија).

Музејот на современата уметност – Скопје е лоциран на простор што е органски дел од градската целина во која со години живее ромската заедница, која често е предмет на политичко и општествено исклучување, мисинтерпретации, шпекулации и предрасуди. Оттука, како што велат кокураторките на изложбата Мира Гаќина и Јованка Попова, темите со кои се занимаваат уметниците Роми во оваа поставка отвораат различни прашања поврзани со системското насилство врз Ромите и другите маргинализирани заедници, кризата на идентитетските политики, родовата нееднаквост, војната, мигрантската криза, холокаустот во однос на денешните светски ултранационалистички политички идеологии, потребата од различна политика на грижа…