– Умберто, оној крадецот… тој… – Да, Тоше? – Тој е мојот шеф… господинот Давидов.
Тоше е премногу возбуден, па почна да зборува погласно отколку што треба. – Тивко, тивко. Да не нѐ чуе. – И што сега? – Кражбата си е кражба – рече Умберто поучително. – Наше е да го откриеме, а што ќе биде потоа со него, нека решат во полиција.
При спомнувањето на „полицијата“, Тоше се стресе, зашто како мирен и малку плашлив граѓанин не сакаше да има работа со таква строга институција. „Ако Умберто оди докрај, што ќе правам јас?“, помислува неспокојно и дланките му се навлажуваат, што Умберто го почувствува, па му вели: – Не грижи се, Тоше, ќе се среди работава. Продолжија молчејќи да го следат Крадецот, иако се знае дека тој оди накај банката. На Тоше му се врти нова мисла: „Па, како не се сетив порано, тој има фен во канцеларијата и кога доаѓа на работа, прво го слушаме звукот на сушење, затоа што е накиснат“, но не му ја кажа на другар му Умберто, оти душата некако му се стисна откако виде дека Крадецот е господин Давидов.
А тој, директорот Давидов, односно Крадецот, сосема малку го забави чекорот пред банката, за потоа, деловно и достоинствено, да влезе во зградата.
Тоше е, малку е да се каже, збунет, поточно шокиран: – Краде чадори, а секогаш е накиснат. Краде, ама нема корист од украденото, дури има и штета. Не ми е јасно, Умберто, тука мора да има некоја јака разврска. Почнува да ми личи на алегорија.
– И јас сум изненаден, Тоше. Човекот е сепак важен член на нашето општество, мора многу да се крие, оти ако се дознае, тешко нему, брука!
– Што да правиме сега? – повтори Тоше.
– Полека, сѐ ќе се разјасни… да видиме, вака… ќе ме оставиш, како да сум подзаборавен, потпрен на ѕидот, веднаш до неговата канцеларија. Штом ќе ме види, ќе посака да ме украде. А кога ќе се најдам во неговите раце, тогаш доаѓаат моите пет минути.
– Како?
– Па, Тоше, ти како да заборави дека јас зборувам. Ќе се обидам да поразговараме. А ти, за секој случај, биди зад нас неколку чекори. И не грижи се, сѐ ќе биде во ред.
* * *
Договорено – сторено. И еве како тече разговорот меѓу чадорот Умберто и господинот Давидов, крадливецот на чадори, што како оди времето, сѐ повеќе станува монолог на конкретниот обвинет, кој пак, со текот на времето, кај Умберто предизвикува сосема други, попозитивни чувства:
– Значи, ти зборуваш… Умберто. И знаеш дека сум ги крадел твоите другари и сум ги фрлал по запустени места, по подруми…
Чекорат бавно, во еден миг г. Давидов застана, со мокра коса, и тивко замоли: – Ми дозволуваш, Умберто? И откако слушна учтив одговор: „Секако, господине“, го отвори чадорот.
– Овој град, Дождоградец – продолжи, додека некои од минувачите подзабележуваа како си зборува сам со себе, а зад нив, скриен под големите крошни, Тоше растреперено ги ѕиркаше – за другите е убав, човечен, спокоен… а за мене страшна е самотијата во која живеам. Ете, успеав и во професијата, станав и директор, а толку сум осамен. Отсекогаш.
Тука Умберто како да чу дека г. Давидов воздивна: – И така, кога ме фаќаат тие темни мигови, не можам да се одбранам. Скришум, како да сум во некој подземен свет, крадам чадори… Се обидов да се справам со таа ужасна страст, но без успех… И знаев дека некогаш ќе бидам фатен. Ама ни тоа не ми помогна. Како да сум осуден на таа моја жална судбина. Да бидам самотник, крадливец… – и тука г. Давидов пак запре да чекори, со отворениот Умберто во раката.
(продолжува)