По повод 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, дневниот весник „Ел нуево хералд“ од Мајами, САД, во денешниот број објави опширен напис посветен на нашиот поет, за кого се вели дека „македонскиот јазик практично му го должи својот влез во светот на литературата“.
– Станува збор за исклучителен пример на јазик што се афирмира преку литературата, a особено преку поезијата, жанр што Шопов го негувал сиот свој живот – потенцира француско-кубанскиот писател Вилијам Наварет.
Нудејќи една сеопфатна слика за македонскиот поет, од родниот дом во Штип до неговиот виртуелен „Лирски дом“ (acosopov.com), преку неговото партизанување, неговата дејност како издавач и неговата дипломатска мисија во Сенегал, статијата им посветува посебно внимание на двете збирки на Шопов објавени на шпански јазик: „Lector de cenizas“ („Гледач во пепелта“), објавена во Мексико, во 1987 год., во препев на Аурора Марија Сааведра, и „Sol negro“ („Црно сонце“), објавена во Буенос Аирес, во 2011 год., во препев на Луиса Футорански. Но текстот се осврнува и на збирки објавени на македонски, како „Стихови за маката и радоста“, „Слеј се со тишината“ и „Небиднина“.
– Под плаштот на едноставноста, неговите зборови клокотат, проречуваат, ечат, интригираат. Љубов, гнев, вчудовиденост пред мистеријата на животот, болка, болештина? Поетот никогаш не го трга докрај мистериозниот превез над своите најинтимни мисли, а неговата филозофска перцепција за смртта и за животот, односно за сето она необјасниво, но и бестелесно што нè надминува нас како луѓе, ја пушта само по суптилни врвици да излезе на виделинa – пишува Наварет.
За песната „Небиднина“, Наварет смета дека таа го „сумира вознемирувачкиот и понекогаш непробоен поетски универзум на Шопов“.
Статијата на Вилијам Наварет се осврнува и на чествувањето на Ацо Шопов во УНЕСКО, на 21 март годинава, кое се одржа во рамките на Годината во чест на Ацо Шопов, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, во соработка со Министерството за култура. Весникот најавува и некои од следните моменти на Годината во чест на Ацо Шопов, како фестивалот на анимиран филм „Флипбук“ во Скопје и „Струшките вечери на поезијата“. Објавена е во печатената како и на интернетската страница на „Ел нуево хералд“, во која статијата може да се слушне и во аудио верзија. Основан како додаток на „Мајами хералд“, во 1977 година, а независен од 1998 година, „Ел нуево хералд“ е еден од двата најтиражни весници на шпански јазик во САД и покрива вести од цела Латинска Америка. В.Д.