Кон поезијата на Ацо Шопов на арапски јазик, објавена под насловот „Избор од песните на големиот македонски поет Ацо Шопов“, во издание на „Куќата на поезијата“ во Керуан, Тунис
Сто години од раѓањето на Ацо Шопов
Посебната вредност на преведувањето на македонската поезија на арапски ﹣ покрај значењето што тој јазик го има како петти јазик во светот според бројот на говорители и како еден од шесте службени јазици на Организацијата на Обединетите нации ﹣ е во односот на арапските народи кон поезијата. Поезијата кај нив секогаш имала возвишен статус, а во арапската литературна традиција поетот имал, и сè уште има, исклучително значајна улога. Во предисламскиот период тој бил основното вербално средство во меѓуплеменските битки, денес тој е гласот на совеста на арапските народи, на нивните најдлабоки чувства, на болката, на гневот, на копнежите.
Како што ни укажа Шопов, поезијата може да биде и тишина. Па, така, кога египетската писателка Вафа ал-Масри објави пред петнаесет години книга што се состои од 537 наполно бели страници, таа изјави во едно интервју (Ал-Арабија, 21.1.2008) дека со празнината на страниците и тишината при промоцијата на книгата сака да го изрази поразителното интимно чувство што го предизвикува кај неа состојбата на арапскиот народ денес.
Особено интересно за нас е тоа што во овој разговор Вафа ал-Масри го цитира оној што го нарекува „нежниот македонски поет“ Ацо Шопов: „Ако носиш нешто неизречено / нешто што те притиска и пече / закопај го во длабока тишина / тишината сама ќе го рече“. Потоа додава дека белината во книгата е најречит израз, а длабоката тишина најсоодветен начин да се искаже болката.
Со ова сакам да укажам дека влијанието на Шопов е веќе одамна присутно во интелектуалните кругови на арапскиот Исток. Со книгата објавена годинава во Тунис под насловот „Избор од песните на големиот македонски поет Ацо Шопов“, таа го проширува своето влијание и кон арапскиот Запад.
Станува збор за избор од 58 песни што туниската поетеса Џамила Межри, наедно авторка на предговорот и директорка на „Куќата на поезијата“, ги препеала на арапски врз основа на францускиот превод на поезијата на Шопов објавен во Колекцијата репрезентативни дела на УНЕСКО во 1994 година. Имав задоволство да учествувам во подготовката на книгата, споредувајќи го арапскиот превод со оригиналот и предлагајќи посоодветни решенија што ќе до доближат преводот до македонскиот текст.
Во предговорот кон збирката, Межри и самата укажува на значењето на преведувачкиот чин. И покрај сите тешкотии, губењето на специфичностите на поетскиот текст и на духот на мајчиниот јазик, таа верува дека преведувањето е сепак оној неопходен мост што ги поврзува народите и ги запознава со различните култури во нивната широка човечка димензија.
Поетесата истакнува дека Ацо Шопов ја изненадил со својата различност, не само во споредба со арапската туку и во споредба со западната литература. Таа истакнува дека она новото, различното и единственото штo го носи поезијата на Шопов се насетува уште во насловите, кои се и „прагови на текстовите“. Насловите како „Езеро“ или „Во сонот на црната жена“ се „наслови што залажуваат“, вели таа, бидејќи на прв поглед нѐ потсетуваат на езерото на Ламартин или на црната жена на Сенгор, но набрзо сознаваме дека меѓу нив нема сличности ниту во описот, ниту во стилските фигури, ниту во речникот, бидејќи „Ацо Шопов во тие песни се отвора кон безграничен поетски универзум, се сплотува со елементите на природата и влегува во интеракција со нив, на начин што му е специфичен“.
Црната жена на Шопов, забележува Межри, не е црната жена на Сенгор, таа е „црна маслинка“ и „црна луна“, а со таквиот опис, македонскиот поет го достигнува највисокото стилско ниво во парадоксот и во играта со метафората. Во африканските магии што носат дожд или во чудесното дрво баобаб, туниската поетеса ги гледа најсилните манифестации на универзалните димензии во поезијата на Ацо Шопов, кој не се ограничува на тесен географски простор.
„Колку повеќе навлегував во неговите текстови“, пишува таа, „толку повеќе се уверував во егзистенцијално-филозофската длабочина на неговото уметничко творештво, а која се огледа во поетовата поврзаност со природата и нештата. Тој е цврсто врзан за својата песна, во нејзината апсолутна димензија, тој разговара со неа и се однесува кон неа како кон живо суштество“. Но ова е, заклучува поетесата, само мал дел од она што го издвојува универзалното творештво на Ацо Шопов, кој „ни ги отвора световите на волшепството и зачуденоста, кои нѐ тераат да веруваме во улогата што поезијата ја игра во зближувањето на луѓето во неговата возвишена и најубава смисла“.
Со оваа нова книга на препеви од Џамила Межри, сега и Магребот, арапскиот Запад, ќе има можност, како претходно арапскиот Исток, поблиску да се запознае со Ацо Шопов, и тоа во многу поголем обем. Преточувањето на неговата поезија во еден високо поетски јазик, каков што е арапскиот, секако е достоен начин да се одбележи стогодишнината од неговото раѓање.
Маријана Кавчиќ