Марко Грегур, хрватски писател

Вашиот авторски стил веќе е препознатлив не само на територијата на Хрватска туку и пошироко. Каде се движат вашите интересирања за идните дела?
– Во пишувањето, освен фактот дека некоја приказна ми е доволно важна за да помислам дека е вредна да се раскаже, исто така ми е важно да се развијам и самиот, да откривам нови можности и граници, поради што моите дела, првенствено последните три романи, се мошне различни, како по темата така и по самиот пристап. Во еден текст што по повод наградата „Фриц“ за романот „Вошицки“ го објави Милјенко Јерговиќ, тој напиша дека јас, ако не се премислам, ќе пишувам романи што се однесуваат еден кон друг како стилски, тематски, па и јазични антиподи. Овој што го довршувам, а би требало да биде објавен следната година, секако е таков роман. Се занимава со позицијата на младиот човек што сака да биде уметник, но не знае која е неговата уметност, ниту е подготвен да вложи труд и време за да стане уметник, туку бара обиколни патишта. Тоа се оние патишта по кои чекорат одреден број луѓе, уметници, а всушност повеќе се работи за пиар, отколку за уметност. Истовремено пишувам и роман што следи едно влашко семејство од почетокот на 20 век до крајот на Втората светска војна, па и малку понатаму.
„Вошицки“ е роман што отвори еден простор што досега не е истражен, а тоа се печатарството и издаваштвото. Во тоа време книгата била отфрлана, но и длабоко заштитувана. Колку денес книгите ќе го променат светот?
– Невозможно ми е да го замислам светот без книга, тоа е веќе доволен одговор. Светот постојано се менува, но потребата за приказната и љубопитноста остануваат. Може да се случи виртуелноста да ја преземе стварноста, сето тоа да биде тотален симулакрум каде што луѓето ќе минуваат низ улиците во распаѓање нурнати во совршените паралелни светови, но и таму ќе бараат приказна. Од друга страна, ситуацијата со коронавирусот покажа колкава е потребата за другиот човек и приказната, што дава надеж за книгата. Всушност, јас засекогаш ќе читам, така сакаат другите…
„Би можела да се вика Леда“ е вашиот прв литерарен успех. Колку прекрасната тема на овој роман, која се однесува на семејството и желбата за добивање деца, го разбуди интересирањето кај хрватската читателска публика?
– Всушност, сѐ се развиваше постепено. За мене е најважна наградата „Прозак“ што ја добив за најдобар ракопис на автор до 35 години, благодарејќи на која во „Алгоритам“, тогаш една од најголемите хрватски издавачки куќи, излезе збирката раскази „Прекрасен ден за Дринкополи“, што ми даде одредена видливост. Поважно од тоа, благодарејќи на таа награда, имав среќа мој уредник да стане Круно Локотар, кој оттогаш ги уредуваше сите мои книги, а многу сакав да соработувам со него. Така, добро помина и мојот следен роман „Како изгоре пресветлиот Трумбеташич“, кој е пишуван на дијалект, па и не се очекуваше нешто многу од него, а излезе во две изданија и преведен е на словенечки и драматизиран е за Хрватското радио. Со „Леда“ беше поинаку, за тој роман уредникот веднаш ми рече дека ќе помине одлично и дека ќе биде општествено важен. И тоа и се случи. Многу ми се јавија и ми рекоа дека романот им дал сила, а неретко стануваше збор за луѓе што мораа да дадат мито за да посвојат дете. Вистина е дека тој роман беше скалило погоре што ме направи повидлив и попрепознатлив. Инаку, „Леда“ е роман што се занимава со обидот на млада брачна двојка по неколку неуспешни природни зачнувања да се обиде да добие дете со вештачко оплодување, а потоа и со посвојување. Станува збор за роман што стана дури и дел од нашиот предмет во постапката за посвојување, поради кој бев итно повикан на разговор во Центарот за социјална работа, како да станува збор за некаков комитет, по што им го реков тоа. Кога ми рекоа дека романот може да биде проблем, им реков дека мене ми се чини токму спротивното. Имаше и тешки моменти и денови, но се исплати. „Леда“ е исто така снимена како радиодрама за Хрватското радио, а се надевам дека наскоро ќе можат да го читаат и читателите во другите земји, меѓу кои и во Македонија.
Дали сте помислиле да се обидете и во другите книжевни жанрови, поезија, драма?
– Не е ретко писател да почне со поезија и да дојде до роман, еве ни го Крлежа како пример со кој се занимавам и во „Вошицки“. И самиот започнав со поезија. Мојата воопшто прва напишана творба беше песна, а првата моја книга е збирка поезија. Иако јас секогаш повеќе сум се сметал себеси за прозаист, кому му е важен стилот, а тука поезијата многу значи и помага. И понатаму пишувам песни, но не премногу и мислам дека денес-утре повторно ќе објавам некоја збирка поезија. Како што беше „Леда“ наменета за некоја моја блиска иднина, можеби на неродената ќерка, така поезијата што ја пишувам е наменета за мојот син. Сѐ се движи од тоа дека мојот син е нашето второ и постаро дете, значи од невообичаена семејна ситуација, зашто е нормално првото дете да биде постаро. Драмата многу ме привлекува и имам некои идеи, кои поради недостиг од време не успеав да ги остварам, но можам да кажам дека по покана на Сенка Булиќ, актерка и директорка на Хрватскиот театар од Вараждин, преведувам една драма од хрватскиот книжевен стандард на мојот кајкавски дијалект. Не сум сигурен дека за тоа сум доволно квалификуван, но можам да кажам дека многу ме радува и дека на тоа сум исклучително посветен, па се надевам дека сѐ ќе испадне добро.
Хрватската книжевност е многу моќна, какво е нејзиното место на европската и на светската книжевна сцена, дали доволно се преведува и презентира?
– Хрватскиот јазик е со мал домет, па со тоа и хрватската книжевност е мала, барем од позиција на странските издавачки куќи. Ретко се случува таквата книжевност да добие посебно внимание. Најдобар пример е чешката книжевност на која тоа ѝ успеа во едно временско раздобје, на која потоа се надоврза Кундера, а во последно време можеме да зборуваме за норвешката книжевност како таква. Проблемот е во инфраструктурата, недостигот од културни точки, односно мрежа што активно и стратегиски би се занимавала со поместувањето на хрватската книжевност во странство. Нешто како Британскиот совет, институтот „Гете“ или Австрискиот културен форум. Мислам дека нам за тоа би можела пример да ни биде и Словенија, која оваа година е земја партнер на Франкфуртскиот саем на книгата, која вложи повеќе од милион евра во тој проект, што сигурно ќе се исплати. Проблемот на малите јазици се и преведувачите, кои секогаш недостигаат. Но и без тоа ми се чини дека хрватската книжевност мошне се преведува. Македонската публика има можност да чита многу книжевност, која би ја препорачал. Од Милјенко Јерговиќ и Кристијан Новак, од Моника Херцег до Ена Катарина Халер, да спомнам само некои од нив.
Добитник сте на неколку значајни книжевни награди, меѓу кои и престижната награда „Владимир Назор“. Колку наградите обврзуваат и поттикнуваат за понатамошната работа?
– Не им верувам на оние што велат дека наградите не им значат ништо. Убаво е кога некој ќе ја забележи и ќе ја награди твојата работа, со што и да се занимаваш. Наградата „Фриц“ и државната награда „Владимир Назор“ се голема чест, помогнаа за видливоста на романот и среќен сум што ги добив. Тие секако се поттик, но, всушност, кога човек ќе седне да пишува сето тоа се брише, а белината што зјае пред писателот е нов почеток каде што она што претходи не значи ништо. Наградите и претходните книги не се гаранција дека новиот текст ќе биде добар и таков треба да биде односот кон нив. Како кон убаво минато, таков треба да биде односот кон нив и секојпат да се пишува како да е првпат.
Кои се вашите најголеми примери и колку тие влијаеле на вашиот авторски профил?
– Не сум од оние луѓе што имаат една личност што им е пример. Има многу писатели што ги сакам, што влијаеле на моето доживување на книжевноста, па и на сопственото пишување. Знам да се пошегувам дека писателите се среќни зашто ним им се исплаќа да читаат и, условно кажано, лошите книги и книгите што не ни се блиски по афинитет, односно, ние профитираме и од нив, зашто гледаме како не сакаме да пишуваме. Од хрватските писатели тоа, секако, се Крлежа, Слободан Новак, потоа би ги спомнал Кундера, Тургењев, Мопасан, Алис Манро, Фокнер и многу други. Би можел да набројувам многу, а исто така, следен пат би навел и други писатели. Матис рече дека е сочинет од сѐ што видел, така и јас како писател сум сочинет од сѐ што сум видел, но и од сѐ што сум прочитал. Верувам дека Борхес рекол дека сите ние ги пишуваме своите претходници, што многу ми се допаѓа. Така ги гледам и јас, како луѓе, односно книги што сум ги пропуштил низ себе како низ сито и оној ситен талог што останал, честичките од книжевната вселена од која сигурно пишувам.

Сашо Огненовски