Организацијата на Обединетите нации за образование, култура и наука (УНЕСКО) користи сателитски снимки за да го следи уништувањето на културните добра и светското наследство за време на руската офанзива во Украина. Од почетокот на инвазијата на 24 февруари, УНЕСКО евидентира штети на 207 културни објекти: 88 верски објекти, 15 музеи, 76 предмети од историско или уметничко значење, 18 споменици и 10 библиотеки.
– Ситуацијата е лоша и веројатно ќе се влоши – изјави за новинарите Криста Пикат, директорка за култура и итни случаи на УНЕСКО.
Таа додаде дека ниту еден од седумте украински локалитети на списокот на светско наследство на УНЕСКО досега не е засегнат. УНЕСКО ги составува споменатите записи во соработка со службата на ОН за анализа на сателитски снимки – УНОСАТ. Врз основа на извештаите од Украина, УНЕСКО му испраќа на УНОСАТ список на потенцијално оштетени локации и бара сателитски снимки од други, а тим од експерти ја утврдува разликата пред и по нападот.
– Можеби, долгорочно, амбицијата би била да се прошири работата надвор од Украина и да се користи таа алатка на глобално ниво – рече Пикат.
УНЕСКО соработува и со украинските музеи за да спречи грабежи. Поради сето ова, за можноста за пренесување на збирките на музејот во други земји за време на војната беше разговарано со украинските власти, но Пикат рече дека тоа е „тешка одлука“. Првиот чекор е да се преместат скапоцените предмети во оние делови на Украина што се помалку погодени од војната.