Впечатоци по отворањето на изложбата во „Чифте-амам“
Во моментов во Националната галерија се случува мултимедијален наратив за уште една успешна приказна, претставување на националниот проект „Пејзажно искуство“ од 59. Венециско биенале во „Чифте-амам“, кое започна на 30 март и ќе трае до 30 април.
– Проектот на Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски претставува осмо учество на Националната галерија како официјален организатор на нашата земја на Биеналето во Венеција, што претставува гордост, но секако и одговорност и константен предизвик за презентациите на македонските автори што со своите автохтони визуелни ракописи се во склоп со светските актуелни тематики. Овие податоци говорат за основната визија што ја реализира Националната галерија, а се однесува пред сѐ на презентација на квалитетни авторски остварувања на реномирани македонски уметници што ја претставуваат нашата земја на ова најпрестижно светско биенале на визуелните уметности. Преку успешноста на овие претставувања, кои на авторите им донесоа нови меѓународни соработки, се потврдува и местото на Националната галерија како една од водечките институции во земјава во областа на визуелните уметности – вели директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими.
Во освртот кон изложбата, кураторката Ана Франговска вели дека „уметничките истражувања на Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски со својот наратив му припаѓаат на широкото поле на уметнички искази, кои ѝ даваат важност на културата на сеќавањето“.
– Присутна веќе неколку децении низ различна теориска, научна, уметничка и културна практика, културата на сеќавањето има сè поголемо значење не само во конституирањето на историјата „која ја пишуваат победниците“, нејзината митологизација и критика, туку и во контекстот на изградување лични и колективни идентитети – родови, расни, етнички, верски, социјални и други – вели Франговска.
Во текот на првиот викенд по отворањето на изложбата е забележана голема посетеност што циркулира непрестано, во континуитет, во рамките на распоредот за посета.
– Нескромно ќе споделиме дека со години Националната галерија е институција со сериозен импакт на културната национална сцена, претставува дел од крвотокот на движењето на визуелната уметност, културни случувања во градот и регионот. Овој заклучок е изведен според податоците за континуирана, секојдневна посета на голем број љубители на уметноста, домашни и странски посетители – велат од НГМ.
Водство низ изложбата од уметниците Јанкулоски/Мотеска и кураторката Франговска ќе се случи в сабота, 8 април, во 12 часот.
В.Д.