„Луѓенца“ – раскази за личните борби на луѓето од ранливите категории

Во „Луѓенца“, меѓу другите, застапен е и расказот „Ронка леб“, кој го освои првото место на минатогодишниот конкурс за најдобар краток расказ на „Нова Македонија“

Новата збирка раскази на Лилјана Пандева, со наслов „Луѓенца“, ја имаше својата промоција во „Култ парк“, пред КИЦ – Скопје. Книгата е составена од седумнаесет раскази што обработуваат теми од секојдневниот живот на еден урбан простор, поточно на Скопје. Но темите се само подлога за стожерот на секој расказ, а тоа е обичниот, секојдневен, незабележителен човек што е тука, околу нас, но никој не му обрнува внимание.
– Книгата се состои од раскази со урбана мотивика, со ликови од ранливите категории и нивната инклузија во општеството, но и нивните лични борби како да се преживее во тоа општество – вели авторката.
Во оваа збирка, Пандева ја преточува сета своја умешност во создавањето, односно во пресликувањето на реалноста во фикција и обратно. Во „Луѓенца“, меѓу другите, застапен е и расказот „Ронка леб“, кој го освои првото место на минатогодишниот конкурс за најдобар краток расказ на „Нова Македонија“.
Книгата ја промовираше Владимир Мартиновски, модераторка беше Јулијана Величковска-Димоска. Делови од книгата читаше авторката.
Пандева е авторка на: „Новогодишни едночинки“ – книга за деца, на поетската збирка „Љубов од А до Ш“, на збирката раскази „Канцелариски колумни“, на романите „Од агендата на Калина Калин“, „Возовите на Луцерн“ (преведени на германски), „Доилката“ (добитник на наградата за најдобро прозно остварување „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за 2016 г., преведен на српски и на руски јазик). Нејзино прозно остварување е и книгата „Дневници на една љубов“ (2019). Во 2020 година го објави романот „Два Божика“.