КОГА АЛИСА И КОРТАСАР ЗАИГРАА ПОЛНОЌНО РОНДО

Помислата е брза, дури летачка – често „Битлсите“ ги чувствувате за позначајни композитори од Кејџ или Булез, а Спилберг режисер од Гринавеј – летачка затоа што ве изненади, додека во два по полноќ се обидувате да го зграпчите комарецот што стрвно, со ѕверски намери, ви зуи околу ушите. Сепак, дека ова не е толку необврзна закачка (како оние од типот: колку тројки има во 33?), ќе ви се расветли (сфатете го ова фигуративно, зашто во спалната буквално – владее мрак) откако, се разбира, претходно ќе го треснете крвожедниот инсект на ѕидот и, по успешниот десетминутен лов, не сте во состојба да заспиете следните два часа. И, еве, се дофрлува уште едно прашање: зошто Ман, Пруст, Џојс и Кортасар беа толку важни во обликувањето на вашата искрена амбиција да пишувате добри раскази? Прашање ем интересно ем се вклопува во сомнамбулистичкиот контекст – разрешувајќи го, вие будни, но, не и сонливи, ќе ја пречекате муграта. Почетокот е доволно поттикнувачки: Пруст и Ман ги познавате пред сѐ како романсиери, и тоа на квартети и речиси два октета заедно, а освен тоа нивната бесконечна потрага продолжува да тече пред кориците на првиот и зад кориците на последниот напишан роман. Една вообичаено дождлива париска квечерина, сепак, ги најдовте, онака патем, „Les plaisirs et les jours“ во малечката, арондисманска библиотека и ги прочитавте алчно, до затворањето на библиотеката (според предвидливата законитост на сродноста, по неколку вечери, го гледавте и Шлендорфовиот „Една Сванова љубов“, преку сценариото на Питер Брук). Не знаете зошто барем уште еднаш не наминавте до жолтата зграда, и на вториот кат, на лево, да ги раскрилите стаклените врати, одговарајќи на расеаната насмевка зад спуштените цвикери на средовечната библиотекарка.

Книшката е со тврди кафеави корици, додадени отпосле, на чиј лев горен агол е етикетата со библиотечниот број; додека ја извлекувате, маргинализирана, речиси изгубена, од згуснатата, монолитна редица Прустови романи, таа ви се лизнува, меѓу палецот и показалецот, и паѓа, во недофатлив slow-mo на светлиот бродски под, отворајќи се на илустрацијата на Мадлен Лемар и страница музичка импресија на Рејналдо Хан, кому во патетично-копнежливото писмо, Марсел ќе се потпише како „малечок пони што самичок тажно се враќа во шталата за која некогаш сакавте да кажете дека сте нејзин господар“.
Пред Ман, пак, уште од „Буденброкови“, сте се чувствувале како пред класик, и кога неоспорно и најсилно, во „Смртта во Венеција“, низ полуоткинатото прозорче на книгата, низ вљубениот поглед на умирачкиот човек, го следевте Таџовото заминување во бескрајот.
Останува Кортасар. Од него сте прочитале само три книги, и тоа уште како бруцош, „Тајно оружје“, петнаесет години подоцна „Куцкамен“, и „Историите за кронопиите и фамите“ дури неодамна. И бевте затечени од неодоливиот шарм, заведувачкото дејство на прочитаното. Луис Харс му ја припишува изјавата: „Постоеја и восхитувачките Борхесови раскази. Но, јас работев нешто друго“.

Имавте ретка, среќна прилика да ги видите и слушнете обајцата во живо, повторно за време на вашиот париски престој во 83-84-та: Борхес во Колеж д’Франс, наспроти три преполни полукруга од обожаватели – првиот, во големиот амфитеатар, вториот, во ходниците околу салата, третиот, во дворот. Се наоѓавте во вториот полукруг на маѓепсаната публика: и покрај остроумните итри, духовитости, неподвижниот анфас на 85-годишната сфинга од екранот на видеото ви наликуваше на зголемена фотографија од некоја енциклопедија. А на бината на театарот кај „Пале Ројал“ убаво мажествено лице со темна кожа и побелена брада на телото на издолжен сангвиник. Моментално чувство на сродност: придвиженост пред фотелја, мозаичност пред издвоеност, ризик пред сосредоточеност, љубовник пред мудрец… но, не како избор, зашто и втората можност се дополнува со понагласената, дури, покрај жариевската ведрина и калвиновската вештина, може да се насети и моќната борхесовска сенка, но сите тие се силуети на една единствена личност, разнообразни манифестации на еден складен и вам многу близок писател (без најмал знак дека сосема наскоро ќе замине од животот).

(продолжува)