Во прилогот „Недеља“ од викенд-бројот на угледниот белградски дневен весник „Данас“, Анѓелка Цвијиќ објави литературен осврт кон српското издание на романот „Бродот. Конзархија“ на нашиот писател Томислав Османли. Текстот „Дистописка утопија – Бегство од холограмите“ го носи потписот на едно од водечките имиња на книжевната критика во Србија, писателката, уредничка и литературна критичарка Анѓелка Цвијиќ.
– Има во романот на Османли многу носталгија, па во него се нашле и реминисценции на југопросторот, разбиен и расцепкан на конзархии од кои секоја ја живее својата трагедија, верувајќи дека е во средиште на златната доба. Сѐ додека не се појави нов Херакле, кој ќе умее да го испочисти сиот отпад од овие конзархиски штали. Но тоа е веќе една нова утопија – пишува таа во својот текст.
Романот „Брод. Конзархија“ во Македонија го објави нашето книгоиздателство „Магор“ пред седум години. За оваа книга Османли неодамна стана еден од двајцата интернационални лауреати на висока кинеска уметничка награда токму во доменот на романескниот жанр. Романот „Бродот. Конзархија“ инаку е дел од новите осум наслови, македонски кандидати за преводи во рамките на проектот „100 словенски романи“ со седиште во Словенија.
– Сето она ново во дистопијата на Османли е само усовршување на денешните истоветни идеи за укинувањето на слободите и создавање раскол меѓу луѓето. Па, притоа, читателот се прашува, каква е тоа дистопија, зарем таа не е само ново име за нашево време!? И наеднаш сфаќа дека авторот на овој блескав роман бескрајно се забавувал пишувајќи го, луцидно осмислувајќи го конзархискиот говор, во чии паузи сепак остава мал простор за незадоволство и за сето она добро и убаво што на човека му е познато и што најрепресивниот режим не може да му го укине – пишува во заклучните делови на својот текст белградската критичарка.