Македонија е членка на „Еуримаж“ од 2003 година и ова е јубилејна 20-годишнина од нашето членство во овој паневропски фонд. Јубилејната година ја завршуваме со вкупно 775.000 евра доделени на „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски, „Човек против јато“ на Тамара Котевска и „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума

Паневропскиот филмски фонд „Еуримаж“ на 170-та сесија, која штотуку заврши и е последна годинава, го поддржа филмскиот проект „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума, со износ од 350.000 евра.

– Годинава македонската кинематографија финансиски е поддржана и на последната 170-та сесија. Третиот македонски проект што годинава доби средства е „Скејтбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума. Ова е копродукција меѓу македонскиот продуцент „Сестри и брат Митевски“, „Ентре чиен луп сцрл“ од Белгија и „Вертиго / Терминал 3“ од Словенија – изјави Тања Ќурчинска Пепељугоска, нашата национална претставничка во „Еуримаж“.
Таа додаде и дека бројот на пријавени копродукциски проекти во секоја сесија сѐ повеќе се зголемува, па, така, и оваа сесија повторно ќе се памети со 111 пријавени проекти, од кои 99 беа оценувани.

– Во ваква конкуренција, проектот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ беше оценет одлично и рангиран на високото трето место на ранг-листата во својата група. Коментарите за проектот беа позитивни и оптимистички: „Млада и талентирана режисерка што треба да се поддржи; сценариото е интересно, внесува модерни елементи во една конзервативна заедница на Ромите на Балканот; сериозен продуцентски тим…“ – рече Ќурчинска Пепељугоска.
Во ноемвриската сесија, од вкупно 99 оценувани проекти, само 29 добија финансиска поддршка од „Еуримаж“ и дотолку е позначајно што меѓу нив повторно е еден македонски проект.
Македонија е членка на „Еуримаж“ од 2003 година и ова е јубилејна 20-годишнина од нашето членство во овој паневропски фонд. Јубилејната година ја завршуваме со вкупно 775.000 евра доделени на „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски на 168-та сесија, „Човек против јато“ на Тамара Котевска на 169-та сесија и „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума на 170-та сесија.
– Очекувам дека за две до две и пол години ќе имаме можност да ги видиме овие филмови на големото платно, особено поради фактот што странските копродуцентски партнери се обезбедени, а со тоа и финансирањето од нивните национални фондови. Се надевам дека и нашата Агенција за филм ќе направи напор да не се повтори годинава, во која првите десет месеци немавме ниту еден снимачки ден, и дека нашата продукција ќе биде многу поинтензивна следната година – додаде Пепељугоска.

Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела од своето основање во 1989 година до денес поддржал 2.438 копродукциски проекти, со вкупен буџет од околу 710 милиони eвра.

С.Ј.