Границата помеѓу уметноста и активизмот се заматува, додека Абрил ги дигестира приказните и потоа ги доставува на начини „со кои луѓето би можеле да се соживеат“, дури и ако не би сакале да одат таму каде што тие водат

Во рамките на својата изложба, шпанската уметница Леја Абрил ја прикажува облеката во која биле силувани жени, девојчиња и некои мажи. Таа за „Гардијан“ зборува за тоа како нејзината работа открива епидемија на сексуално насилство и како таа се справува со тоа.
Младата шпанска уметница, која ја претставува „Историјата на мисогинијата: Поглавје 2: За силувањето“, користи фотографии, сведоштва, врамени факти и цитати, архивски материјал и разни релевантни предмети на начин што ја прави нејзината новинарска обука очигледна. Границата помеѓу уметноста и активизмот се заматува, додека Абрил ги дигестира приказните и потоа ги доставува на начини „со кои луѓето би можеле да се соживеат“, дури и ако не би сакале да одат таму каде што тие водат. На изложбата се претставени огромни црно-бели фотографии од облека што ја носеле луѓето додека биле силувани, а над нив се презентирани нивните сведоштва.

Иако не е прва изложба од овој тип, начинот на кој оваа изложба е поставена прави гледачот да се чувствува дислоцирано и да погледне повторно. Сведоштвата на жртвите се она што го отежнуваат ова искуство. На пример, претставена е венчаницата од Киргистан, која ја носела Алин, жртва на „ала качуу“, форма на киднапирање на невестата што сè уште се практикува во земјата. Таа била заробена и потоа се омажила за мажот што ја силувал.
На друга фотографија се гледа американска воена униформа. Неа ја носела Мередит, која вели дека да се биде во војска значи дека секогаш „мисијата е на прво место“. Во таков свет, жената не сака да биде гледана како слаба и емотивна. Мередит била свесна дека ќе мора да ги „игнорира“ повредите од силувањето од страна на нејзиниот командант, не сакајќи да мисли на тоа како на силување, ниту на самата себеси како жртва.

До оваа фотографија се наоѓа и фотографија од облека на калуѓерка, која била малтретирана од главната калуѓерка, а до неа облека од жена, која била константно силувана во присилен брак во Авганистан.
Биле потребни две години за да развие Абрил доволно доверба кај овие жени за да ѝ ја испратат облеката.
– Тоа е процес на соработка – вели таа.

Понекогаш таа разговара со нив преку посредници како психијатри. Таа не сака никого да подложи на уште поголема траума. Леја Абрил за „Гардијан“ открива што ја мотивира, посочувајќи на озлогласениот случај „Глутница волци“ во родната Шпанија. Во 2016 година, 18-годишна девојка била силувана од петмина мажи, кои подоцна биле судени и биле прогласени за виновни, но не за сексуална злоупотреба, бидејќи обвинителството не можело да докаже дека било употребено насилство. Еден од судиите заклучил дека сите требало да бидат ослободени, а единствено прекршочно дело било кражбата на телефонот на тинејџерката. Минатата година, по јавна расправија, шпанскиот врховен суд ги прогласи мажите виновни за силување.

Во 2018 година, „Амнести интернешнл“ го разгледуваше законодавството за силување во 31 земја низ цела Европа. Само осум имаат дефиниции засновани на согласност. Во преостанатите 23 земји, доколку делото не вклучува физичко насилство, не се класифицира како силување. Она со што Абрил нè тера да се соочиме, е силувањето како институција, истовремено историзирано и нормализирано. Таа им дава контекст на индивидуалните приказни, детално објаснувајќи ги сите методи што се користат за да се префрли вината врз силуваната жена.

Една од најтешките фотографии на изложбата прикажува мал фустан, кој му припаѓа на петгодишно девојче, кое бело сексуално малтретирано од наставник во нејзиното училиште во Колумбија.