Етика за млади

Кога човекот е здрав посакува разни нешта, но кога е болен има само една желба – да биде здрав. Значи, здравјето е многу важна состојба и секој треба да се труди да го одржува и да го поврати ако се разболи. Но има многу болести што ги напаѓаат луѓето.
Некои од нив зависат само од човекот, многу се опасни и се викаат зависности. Во современиот свет многу се раширени, а крајниот исход зависни директно од човекот. На пример, нема да станете зависник од пушење ако не почнете да пуштите. Тоа е само ваша лична одлука.
Зависноста е незапирлива потреба од нешто, силна страст во човекот што тој/таа не ја контролира и со целата душа тежнее кон неа и прави буквално сѐ за да ја задоволи таа потреба. На тој начин, свесно станува предмет на некоја надворешна сила, која ги раководи неговите постапки.
Зависноста значи несамостојност, дејства на човекот ограничени од туѓа волја и влијанија, спротивно на автономијата на етиката.
Поради тоа што состојбата не е во границите на нормалата, за зависностите се вели дека се болест. Тие кај личноста создаваат чувство на опседнатост, здравствено нарушување, психичко растројство, а како последица на тоа и физички проблеми. Волјата на личноста се заробува и таа не може самостојно да одлучува. Сѐ во човекот е насочено кон задоволување на страста.
Зависноста ѝ дава на личноста илузија дека го прави она што го сака и оти ужива во тоа, за на некој начин да се оправда пред себеси. Но тоа е лажно задоволство, кое набрзо донесува лоши последици и страдање.
Најопасна од зависностите е наркоманијата, зашто дрогата веднаш ја заробува душата на човекот, кој пропаѓа психички, а исходот може да биде и фатален.
Драги млади, внимавајте да не стапнете на патот на зависноста. И не заборавајте, слободата на умот и решавањето на проблемите ве водат кон среќа, долг и радосен живот и кон другарување со пријателите. Зависностите, пак, ве одделуваат од луѓето, ви носат несреќа, ја убиваат вашата желба за напредување, ве носат кон дното, поништувајќи ги вашата сила, талент и животна радост.

Проф. д-р Кирил Темков


Етичка мисла

Карактерот на човекот израснува или во цвеќе или во троскот, затоа
треба навреме да се залива првото, а да се искорнува второто

Френис Бекон англиски филозоф